Опозицијата повикува на фронт за уривање на Владата

Фото: Архива

Ќе видиме дали лидерот на опозицијата ќе има капацитет да привлече маса народ, надвор од верните и традиционалните партиски активисти од општинските комитети, вели политикологот Благојче Атанасоски. Политичкиот аналитичар Марко Трошановски, пак, смета дека изборите не се решение за надминување на неколкуте кризи, туку формирање техничка или експертска влада.

Ако претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски успее на големиот протест за уривање на Владата на Димитар Ковачевски, најавен за 18 јуни, да создаде опозициски фронт зад кој би застанале граѓаните, можно е да предизвика предвремени парламентарни избори, сметаат дел од политиколозите. Според други, решението на проблемите е во формирање техничка или експертска влада, бидејќи предвремените избори би биле додавање нова криза во државата.

Колку ќе биде помасовен протестот, толку ќе биде поголем притисокот врз власта да прифати предвремени парламентарни избори, смета политикологот Благојче Атанасоски.

– Ќе видиме дали лидерот на опозицијата ќе има капацитет да привлече маса народ, надвор од верните и традиционалните партиски активисти од општинските комитети. Односно, колку е помасовен протестот, поголем ќе биде притисокот врз власта за прифаќање на фрлената ракавица од опозицискиот лидер за организирање предвремени парламентарни избори. Сето тоа ќе зависи и од факторот издржливост на протестите зашто доаѓа лето. Опозицискиот фронт, кој би се создал како натпартиско граѓанско движење, би требало да ги акумулира сите незадоволни структури од власта, без разлика на партиска определба, етничко-верска и социјална – вели Атанасоски.

Атанасоски:  Синдикалните протести беа делумно координирани

За тоа дали опозицијата јава на бранот на синдикалните незадоволства и протести, Атанасоски смета дека тие делумно биле координирани од врвот на ВМРО-ДПМНЕ.

– Што се однесува до тоа дали ВМРО-ДПМНЕ се налепува на претходните синдикални протести, лично сметам дека тие беа делумно координирани, поттикнати и инструирани од највисокото партиско раководство на опозицијата со синдикалните лидери што инклинираат кон нивната политичка опција, сè со цел да се создаде претходница на незадоволство пред ова што денес опозиционерите го најавуваат како „блокада на парламентот“ и масовни протести во иднина – вели Атанасоски.

Политичкиот аналитичар Марко Трошановски, пак, смета дека изборите не се решение за надминување на неколкуте кризи, туку формирање техничка или експертска влада.

– Неколкуте кризи што паралелно ги живееме, неминовно предизвикуваат големи фрустрации кај граѓаните и тие оправдано ѝ се припишуваат на власта, иако во голем број се увезени. Политички опортуно е опозицијата да создава поени на ваквото незадоволство, но сметам дека предвремени парламентарни избори не се решение на проблемите туку додавање на уште една криза. Ако јавниот интерес е главната цел, тогаш експертска или техничка влада е многу посоодветно решение што би ги здружило најдобрите човечки капацитети со кои земјата располага. Голем митинг е легитимен начин да се покаже незадоволството, но сите постапки што го блокираат нормалното одвивање на процесите во институциите, не верувам дека ќе придонесат за подобрување на ситуацијата – вели Трошановски.

Муцунски:  Молкот не е опција

Освен активната блокада на Собранието со која ќе продолжат, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ завчеравечер одлучи на 18 јуни да одржи голем протест за уривање на Владата под мотото „Протест за промени“, а можни се и нови мерки.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцински, по состанокот на ИК изјави дека единствениот излез од исклучително тешките состојби е одржувањето на вонредни парламентарни избори.

– Подаваме рака и испраќаме порака за обединување на обесправените, сиромашните, стопанствениците, просветните работници, лекарите, професорите, земјоделците. Напатениот народ на Македонија. Молкот не е опција. Протест за промени и подобар живот. Премногу е, ова е протест за промени – рече Муцунски.

Одлуката за протест, вели тој, е поради отсуството на каква било подготвеност на премиерот и владејачка гарнитура за воспоставување вообичаен политички дијалог со опозицијата и барем минимум државно единство за барањата на ВМРО-ДПМНЕ за изнаоѓање соодветни излезни решенија за кризните состојби во државата.

– Протестот очигледно е изнуден и повеќе од неопходен и затоа ги повикуваме сите граѓани да ни се придружат и во еден глас да соопштиме дека тие се оние што ја даваат и одземаат довербата – додаде Муцунски.

Неизвесно е дали зад протестот ќе застанат опозициските партии од албанскиот политички блок. Според претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, предвремени избори во октомври се опција ако во јуни нема почеток на преговори со ЕУ. Села во изјава за ТВ21 вели дека во таков случај Владата го губи целосниот кредибилитет и во октомври ќе се оди на избори.

Според СДСМ, Мицкоски се решил на протести бидејќи му пропаднал обидот за блокада на Собранието.

– Активната блокада издиша, па од досега невидените чекори што ги најавуваше Христијан Мицкоски, му остана само да организира протест за еден месец отсега. Тоа што на Мицкоски му треба цел месец за да организира еден протест, доволно говори за проблемите што тој ги има за да ја зачува фотелјата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Протестот е демократско и уставно загарантирано право, но прашањето на изборите е затворено. Парламентарни избори ќе има во 2024 година и на тие ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ќе бидат поразени, а претходно, ќе изгубат и на редовните претседателски избори, исто така во 2024 година – велат од СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот