ОН: Израелско-палестинскиот конфликт да се реши со создавање на две држави

Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) ја повтори својата поддршка за решение на израелско-палестинскиот конфликт со формирање на две држави.

Како што пренесува „АП“, ова е прво огласување на ОН за израелско-палестинското прашање откако американскиот претседател Доналд Трамп во јануари го претстави својот план за решение на повеќедеценискиот конфликт.

Американската агенција потсеќа дека планот на Трамп наиде на позитивни реакции од израелската страна, додека Палестинците веднаш и одлучно го отфрлија.

Во денешното соопштување на Советот за безбедност на ОН, за кое гласаа сите 15 членки, вклучувајќи и САД, не се спомнува планот на Трамп, а не се зборува ни за палестинските претензии за создавање на независна држава, која би го вклучувала цел Западен брег и источен Ерусалим – територии кои Израел ги окупираше за време на војната на Блискот исток во 1967 година.

Палестинците, како што потсетува „АП“, бараат од споменатите територии да се отстранат повеќе од 700.000 израелски доселеници.

Во соопштението на ОН не се спомнуваат ниту тие барања, но затоа се дава поддршка за решавање на конфликтот со создавање на две држави.

Планот на Трамп, кој како што наведува „АП“, „попмпезно е претставен“ на крајот на јануари во Белата куќа, предвидува давање на суверенитет на Израел над поголемиот дел од окупираниот Западен брег, додека не се споменува палестинскиот сон за независна држава.

Наместо тоа, со овој план на Палестинците им се нуди ограничена автономија, но под услов да почитуваат многубројни барања, меѓу кои и демилитаризација.

Израел, според планот на Трамп, би имал потполна безбедносна контрола, додаваат од „АП“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот