ОЈО добива пет нови обвинители, недостига кадар во речиси сите обвинителства

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Советот на јавни обвинители донесе одлука за зголемување на бројот на јавни обвинители за плус пет во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, со што ова обвинителство ќе брои 18 обвинители заедно со шефицата Вилма Русковска.

-Според обемот на работа предвидениот број на јавни обвинители е далеку од потребите на обвинителството, за што обвинителството достави барање до Советот на јавните обвинители да се прошири Одлуката за определување на бројот на јавните обвинители за уште осум јавни обвинители, со што бројот на јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал ​ќе изнесува 21 јавен обвинител- велат од обвинителството, кое доби 5 нови обвинители, или 3 помалку од бараните 8.

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски, посочува дека систематизацијата е направена согласно обврските од Законот за јавно обвинителство и така е утврден бројот на обвинители кои се потребни во сите обвинителства. Но, според него, недостасуваат обвинители бидејќи Академијата ќе произведе нов кадар за две години.

-Недостига кадар во речиси сите обвинителства. Констатиравме колку обвинители треба да има во секое обвинителство, но, сега и да сакаме да го прошириме бројот на обвинители, ситуацијата не ни дозволува оти нема кадар. Нови обвинители ќе имаме од Академијата дури за две години. И за организиран криминал донесовме одлука за петмина, сега ќе следува оглас па да видиме дали некој ќе се пријави – вели Колевски.

Тој најавува дека поради ваквата ситуација можно е затворање на обвинителствата во Тетово, Прилеп и во Битола, кои немаат доволен јавнообвинителски кадар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот