„Огнените“ од Чаир му ја испратија досега најсилната порака на Груби да си оди: „Направи фронт со противниците за да си ја зачува фотелјата“

Фото: Изет Меџити / Фејсбук

Голем број поддржувачи, според организаторите повеќе од 2.000 луѓе, ја пречекаа делегацијата на високи функционери на „огнената група“ од ДУИ вечерва на средба во Чаир, на која дојдоа потпретседателот на партијата Изет Меџити, организацискиот секретар Блерим Беџети, секретарот за родова еднаквост Саранда Имери, претседателот на Надзорниот совет Муса Џафери, членот на Претседателството Невзат Бејта, пратениците Кастриот Реџепи и Мерита Коџаџику, како и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

„Меѓу повиците и барањата за итна оставка на Артан Груби и на неспособните министри што тој ги предводи, чаирчани се информираа за барањата за враќање на ДУИ во својата генеза, до народот и подалеку од политики за лични интереси на штета на ДУИ и албанскиот народ“, пишува во соопштението на „огнените“.

Градоначалникот на Чаир Ганиу рече дека сите пораснале и созреале во духот на ДУИ, а Чаир е бастионот на ДУИ веќе 20 години.

„Бевме во ДУИ со позиции и без позиции, а тие што се на позиции денес, го заборавија својот дом, својот народ и го оставија Чаир на цедило“, рече Ганиу.

Саранда Имери Стафаи, секретар за родова рамноправност, рече дека нема посилен показател за нашиот правилен пат, од големото присуство, кое се спротивставува на Артан Груби, кој направи фронт со противниците на ДУИ за да си ја спаси фотелјата.

Пратеникот Кастриот Реџепи рече дека формирањето на владата синоќа било еден обичен циркус, па додаде: „збореа за Европа, а се виде дека се работи за интересите на Артан Груби“.

Претседателката на Форумот на жени на ДУИ, Мукадес Хајдари, рече дека како жена од Чаир, бара меритократија.

„Гордо работев како член на ДУИ, гордо работевме за унапредување на Албанките и ДУИ, но не за лични интереси и кариери на поединци“, рече Хајдари.

Членот на Претседателството на ДУИ, Невзат Бејта рече дека и доброто и злото на ДУИ доаѓа од Скопје.

Пратеничката на ДУИ Мерита Коџаџику рече дека како пратеник и жена има обврска да придонесе на секое поле на дејствување.

Претседателот на Надзорниот совет на ДУИ, Муса Џафери рече: „’ние сме мнозинството на ДУИ овде и по структура и процент, Скопје како главен град е мобилизирано да го заштити 20-годишниот труд вложен во ДУИ, а овие вредности никој не може да ги земе“.

Организацискиот секретар и градоначалник на општина Сарај Блерим Беџети рече дека отсекогаш биле резервирани кон министрите и Артан Груби, но сега сите се убедени дека за лични интереси можат да го задушат дијалогот и да соработуваат со најголеми противници само за индивидуални интереси.

Две илјади луѓе од собир на „огнените“ во Сарај му порачаа на Артан Груби да си оди од ДУИ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот