Од Македонија многумина си заминале, ама и се вратиле со стекнато високо образование

epa08930133 The snow covers the tarmac at Adolfo Suarez-Barajas airport in the aftermath of Storm Filomena in Madrid, Spain, 10 January 2021. EPA-EFE/Kiko huesca

Од економски и политички причини, земјите од Западен Балкан традиционално се земји за иселување и тој тренд продолжува и во периодот од 2010 до 2019 година. Сепак, степенот на нето-иселување (разлика меѓу бројот на оние што си заминале и оние што се вратиле) се разликува во различни земји и е најголем во Босна и Херцеговина, проследен со Косово и Албанија, а понизок е во Црна Гора, Северна Македонија и во Србија, објави Виенскиот институт за интернационални студии во најновата анализа за нето-миграцијата во Западен Балкан.

Според ова истражување, она што е специфично за Македонија, како и за Црна Гора и за Србија, е што во овие земји има големо враќање на луѓе што си заминале од земјата за да се образоваат, односно тие се вратиле во својата земја со странско образование.

„Нашата анализа открива нето-имиграција на високообразовани – а со тоа и ‘прилив на мозок’ – во Црна Гора, Северна Македонија и во Србија, што е генерално на  највисоко ниво кај оние од 20-ина години, односно на возраст кога обично се завршува високото образование. Нашите резултати сугерираат дека нето-имиграцијата на високообразованите главно се води од студенти што се враќаат во своите матични земји по завршувањето на високото образование во странство“, објави Виенскиот институт.

Оттаму велат дека во исто време е забележан нето-одлив на луѓе со средно општо и со стручно образование, што е во согласност со теоријата дека двете групи заминуваат во странство и се враќаат како дипломирани студенти.

Анализата покажала дека се променила старосната структура на оние што мигрирале од Македонија во периодот од 2011 до 2014 година и од 2014 до 2019 година. Во периодот од 2011 до 2014 година најмногу си заминувале млади на возраст од 25 до 34 години, додека  најмногу враќања имало кај младите од 15 до 19 години и кај возрасната група од 35 до 39 години. Во периодот од 2015 до 2019 година, заминувањето било почесто отколку во претходниот период и си заминувале луѓе од сите анализирани возрасни групи од 15 до 39 години, освен оние од групата од  30 до 34 години. Спротивно, пак, најмногу од странство во Македонија, во овој период, се вратиле токму луѓето на возраст од 30 до 34 години.  

Но, за тоа колкаво е нето-иселувањето, како разлика меѓу заминатите и вратените, во периодот од 2010 до 2019 година, од Виенскиот институт констатираат дека е тешко да се каже со точност, затоа што последниот попис е од 2002 година, а процените се базираат на тој попис. Така, Виенскиот институт дошол до процена за нето-имиграција од Македонија во периодот од 2010 до 2019 година од само 16.000 луѓе, но и оттаму потенцираат дека овој број е многу мал во однос на многу други проценки и притоа ги нагласуваат процените на Обединетите нации за нето-иселување во истиот период, а кои зборуваат за дури 131.000 луѓе.

Анализирајќи ги стимуланси за иселувањето во земјите од Западен Балкан, Виенскиот институт ги наведува: „Сеприсутна сиромаштија (како, на пример, во Косово), мрежи на дијаспората што даваат информации и ресурси што ја олеснуваат емиграцијата, релативно висока стапка на невработеност, повеќе, поквалитетни и подобро платени опции за вработување во потенцијалните земји на дестинација, или посебни шеми што ја олеснија миграцијата, како што е Регулативата за Западен Балкан на Германија, која стапи на сила во 2016 година и предизвика државјани на Западен Балкан да бараат работа во Германија“.

За 9 години 160.000 луѓе од Македонија добиле разни дозволи за престој во Европа

Она што веројатно ќе даде една подобра слика за процесот на заминување од државата се податоците од Евростат за миграции, а кој ги презентира Виенскиот институт. Според овие податоци, вкупен број издадени први дозволи во ЕУ28 и Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Швајцарија се 160.663. Притоа 88.267 дозволи се на луѓе што се приклучиле на своето семејство, односно на член од семејство кој е веќе во некоја од овие земји. На школување, во овој период заминале 9.324 државјани на Македонија, за активности за усовршување биле дадени 41.189 дозволи и по други основи – 23.932 дозволи. Она што може да се забележи е дека вкупниот број дозволи е значително помал во периодот од 2010 до 2014 година кога биле издадени 58.865 дозволи, во однос на периодот од 2015 до 2019 година кога нивниот вкупен број изнесувал 101.768.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот