„Нутела“ чизкејк барови на Стефанија Несторовска: Уживајте во уникатниот вкус!

Стефанија Несторовска/Фото: Приватна архива

Инвентивната Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, ви донесува необичен, но супер вкусен рецепт, кој можете да го јадете и како ужина и како десерт. Како што вели Стефанија, подгответе го вашето непце за уживање во сировите „нутела“ чизкејк барови. Самата Стефанија е голема обожавателка на лешници, па овие барчиња се едни од поубавите десерти што ги направила.

Состојки:
За база:

– 130 гр (1 шолја) лешници
– 225 гр (1 шолја) урми*
– 30 гр (¼ шолја) какао во прав
– малку сол
*Доколку урмите се премногу суви, додадете ги во врела вода и оставете ги да отстојат околу 1 час. Колку се помеки – толку полесно се блендираат и даваат подобра текстура.

За филинг:

– 280 гр (2 шолји) индиски ореви, покиснати во вода*
– 3 лажици агаве нектар (или повеќе за поблаго)
– 120 мл (½ шолја) кокосово масло, стопено
– 60 гр (¼ шолја) + 2 лажици путер од лешник
– 120 мл (½ шолја) вода
– 60 гр (½ шолја) какао во прав

*За киснење на индиските ореви – само се додаваат во длабок сад, се додава вода доволно, за да ги покрие сите и се оставаат да се киснат најмалку 4-6 часа или идеално преку ноќ. За брза постапка, се додаваат во врела (превриена) вода и се оставаат 1-2 часа.

За топинг:

– (½ шолја) лешници, исецкани со нож (по желба)

Фото: Приватна архива

Начин на подготовка:

Најпрво се подготвува сад кој ќе служи како калап за баровите. Јас користев 20х20 керамички сад, меѓутоа, може каков било сад по желба. Баровите не се печат така што не е важен ниту материјалот на садот. Се поставува хартија за печење, за полесно да се отстранат баровите кога ќе се стврднат.

Во блендер или кујнски робот се додаваат лешниците, какаото и малку сол и се блендира сѐ додека не се иситнат лешниците на мали парченца. Не мора да се премногу да се блендираат зашто, сепак, треба да има малку текстура и крцкавост од лешниците. Се вадат од блендерот и се додаваат во длабок сад.
Во истиот блендер (не мора да се мие) се додаваат урмите и се блендира сѐ додека не се иситнат и не се добие како паста од урмите. Доколку имате мал (слаб) блендер може ќе биде потребно да се блендираат на тури.

Добиената паста од урми се додава на лешниците и (најубаво) со рака убаво се мешаат за да се соедини и да се добие смеса што лесно ќе се оформува. Ако имате силен блендер – искористете го за овој чекор.

Добиената смеса се додава во садот од чекор 1 и се притиснува на површината на садот. За полесно може да се користи чаша, чинија или нешто слично со рамна подлога и притискајте убаво низ смесата за да се израмни и наталожи.

Се остава садот во ладилник додека се подготвува филингот.

Индиските ореви се цедат од водата во која стоеле, се премиваат со ладна, чиста вода, се процедуваат и се додаваат во блендер заедно со сите други состојки за филингот (освен какаото).

Се блендира сѐ додека не се добие соединета, кремаста смеса. Се додава и какаото и повторно се блендира сѐ додека не се соедини со останатите состојки.

Пробајте ја смесата да не ѝ недостасува нешто или адаптирајте на сопствениот вкус.

Се додава филингот на базата, се израмнува со шпатула и се додаваат топинзи по желба. Целиот сад оди во замрзнувач да се зацврсти најмалку 2-3 часа или најубаво преку ноќ пред да се исече на барови.

Кога ќе се извади од замрзнувач, ако е прецврсто за сечење – оставете го 10-тина минути на собна температура, ќе пушти малку, па лесно ќе се исече.

Идеално да се чува во замрзнувач и да се вади по потреба, лесно се пушта, а вкусно е и кога не е сосема одмрзнато (како сладолед). Инаку, може да се чува и во ладилник само филот малку ќе пушти и ќе биде повеќе како пудинг.

Забелешки и совети:

→ Јас користев бели лешници што се само благо печени, без сол. Ако сакате да користите од оние што се баш сирови лешници, ќе мора да ги потпечете малку во рерна па да ги излупите од лушпата.

→ Индиските ореви не препорачувам да се заменуваат со друг вид јаткасти плодови.

→ Агаве нектарот може да се замени со кој било друг засладувач по желба, меѓутоа, може да го промени малку вкусот на самите барови. Не е страшно, само имајте го на ум.

→ Путерот од лешник може да се замени со кој било друг путер од јаткасти плодови, меѓутоа, ќе се изгуби тој „Нутела“ шмек. Секако ќе бидат успешни и вкусни, ова ви го предочувам како информација.

→ Баровите може да стојат во замрзнувач 2-4 месеци или во ладилник до 1 месец, без проблем.

→ Бидејќи самиот филинг содржи доста кокосово масло, па многу брзо се топат доколку се остават на собна температура, затоа не заборавајте да ги чувате на ладно.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот