Новиот тренер Горан Самарџиев: Целта е иста, Работнички оди на титулите

Фото; Фејсбук, КК Работнички

Новиот тренер на најтрофејниот клуб зборува за високите амбиции кои и покрај лошиот старт на сезонава остануваат исти – освојување на домашните титули. Многу битно за Работнички е максимално да го воигра тимот за амбиците да станат остварливи, вели Горан Самарџиев

Горан Самарџиев (43) го презеде тренерското место во КК Работнички од Димитар Мираковски, по лошиот старт на сезоната на најтрофејниот што не одговара на високите амбиции и на засилениот тим.

Во домашното првенство по пет кола Работнички има три победи и два порази, а од Самарџиев се очекува да иницира пресврт, за тимот да биде конкурентен за освојување на домашните титули.

– Работнички и пред да дојдам јас на чело, имаше највисоки цели, а тие се напад на титулите на домашната сцена. Во таа смисла ништо не е променето. Тимот е квалитетен и има шанси да ги оствари своите цели. Имаме тековни проблеми со повредени и со суспензии, но ќе ги надминеме и ќе ги подобриме резултатите. Треба да се има предвид дека Работички има значително подновен тим и ќе биде потребно одредено време да се воиграме максимално, играчите да ги примат моите идеи и да функционираме како што посакуваме. Сметам дека тоа е остварлива работа – вели Самарџиев.

Според него уште некои тимови рефлектираат на висок пласман на домашната сцена, МЗТ Скопје Аеродром, Пелистер и Еуро Никел.

– Предноста на МЗТ Скопје Аеродром е во тоа што основата на тимот се домашни играчи кои долго време функционираат заедно, воиграни се и не им треба време во таа смисла. Квалитетот на Работнички е несомнен, но ни треба одредено време за воигрување. Според мене и Пелистер има тим за највисоки дострели на домашната сцена, а слично може да се каже и за Еуро Никел – вели Горан, кој дојде од Словачка (Комарно), за тука да ја преземе тренерската палка.

Тој како играч со Работнички освои шест првенствени титули, четири купа…

– Кај мене немаше дилема ни за час, секогаш сакав да се вратам во Работнички. Знаејќи ја мојата историја со овој клуб, тоа не е чудно. Како играч, бев дел од Работнички во неговите најуспешни сезони, имам многу титули, тоа остава неизбришлива трага. Младите тренери главно сонуваат за големи европски клубови, а јас сонував дека еден ден ќе застанам на кормилото на Работнички. Нераскинливо сум врзан за овој клуб и не се двоумев воопшто да прифатам да му станам тренер – вели Горан.

Tој има свој став околку бројот на странските играчи во нашето првенство.

– Секогаш сум за македонските играчи. Бројот на странци на паркетот сезонава е зголемен и просторот на домашните играчи е стеснет. Меѓутоа не мислам дека е тоа главниот проблем. Треба да играат квалитетните, без разлика од каде се. И во другите европски лиги бројот на странци е голем. Прва лига со 12 тима кај нас е премногу. Се разводнува квалитетот. Оптимално би била бројка од 10 тима во Првата лига. Со тоа второлигашкото друштво би добило во квалитет и македонските играчи таму би имале ефектни минути на паркетот, наместо да бидат во прволишко друштво, а да седат на клупата – смета кормиларот на Работнички.

Тој ќе дебитира в недела во меч против Евро Никел од Кавадарци, средина од каде потекнува.

– Судбината сака во првиот меч да се сретнам со мојот матичен клуб на спротивната страна. Секако, сентименталности нема да има. Кај нас, двајца важни играчи ќе отсуствуваат. Џелетовиќ е повреден, а Декоси е суспендиран. Секако, ќе влеземе во тој дуел максимално мотивирани и подготовени – вели Самарџиев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот