Одобрена вакцината против болеста што убива 600.000 луѓе секоја година, доза чини од 2 до 4 долари

Гана Маларија / Фото : YASUYOSHI CHIBA / AFP / Profimedia

Маларијата е една од најсмртоносните болести во светот – секоја година убива повеќе од 600.000 луѓе. Токму затоа Светската здравствена организација (СЗО) препорача нова вакцина – R21/Matrix-M – за превенција од маларија кај децата. Тоа е втора вакцина против маларија, првата наречена RTS,S беше претставена и поддржана од СЗО пред две години, соопшто „Би-би-си“.

– Како истражувач на маларија, сонував за денот кога ќе постои безбедна и ефикасна вакцина против маларија. Сега имаме две. Побарувачката за вакцината RTS,S е поголема од бројот на произведени вакцини, така што втората вакцина ќе биде дополнително оружје за побрзо да се заштитат децата и да се обезбеди иднина без маларија – изјавил д-р Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.

 

„Би-би-си“ потсетува дека досега се направени само 18 милиони дози од вакцината RTS,S, а дека вакцината R21/Matrix-M, која е дизајнирана на Универзитетот Оксфорд, би требало да ја произведе Институтот за серуми од Индија, кој најави дека ќе произведува 100 милиони дози годишно. Секоја доза чини меѓу 2 и 4 долари, а потребни се 4 дози, што е половина од цената на вакцината RTS,S.

– Зошто вакцината R21/Matrix-M е тука за да ги промени работите? Станува збор за вакцина која има ефикасност од 75 отсто ако го гледаме намалувањето на бројот на маларија во текот на годината. Најдобрата вакцина досега имаше ефикасност од 50 отсто, а порано беше помала од тоа. Околу 40 милиони деца се раѓаат со маларија во Африка секоја година и ќе имаат корист од вакцината. Нашата вакцина има 4 дози кои се даваат во текот на 14 месеци, што значи дека се потребни околу 160 милиони дози, а тоа можеме да го достигнеме – напишал за „Конверзејшн“ (The Conversation) Адријан Хил, директор на Институтот Џенер на Универзитетот во Оксфорд.

Тој додава дека научниците веќе 100 години се обидуваат да направат вакцина против маларија. Повеќе од 100 вакцини биле на клинички испитувања и мошне малку од нив делувале барем до одреден степен.

– Маларијата не е вирус, не е бактерија, таа е паразит кој е илјадници пати поголем од типичните вируси. На пример, коронавирусот има 13 гени, маларијата има 5.500. Затоа вакцината е многу сложена – објаснил тој.

„Гардијан“ пишува дека вакцината може да ветува помалку смртни случаи, но дека не сме блиску да победиме една од најсмртоносните болести. Како што наведува во анализата Сара Босли, поранешна уредничка на здравствената колумна во „Гардијан“, проблемот е што давањето 4 дози во често погодените од војна делови на Африка навистина не е можно.

– Бројот на заболени од маларија се зголемува во последните неколку години. За ова придонесува климатската криза, конфликтите и отпорноста на паразитите на лекови. Но, постои и исцрпеноста на оние кои се на првите редови во борбата против опасната болест. Фондацијата Гејтс, по долги години инвестирање, се откажа од давање пари за првата вакцина, бидејќи ефикасноста е многу помала отколку што се очекуваше – наведува таа.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот