ЗАГРИЖУВАЧКИ ТРЕНД КАЈ МЛАДИТЕ: Не си во мода ако не си на „кока“

Фото: Profimedia

Во атарот на скопското село Блаце кај место викано „Вражји вир“ полицијата завчера пронајде 180 стебла од канабис (марихуана), но и опрема за нејзино одгледување. Вчера пак на тетовската улица „Илинденска“ при преглед на автомобил „мерцедес“ со скопска регистрација полицијата пронашла околу 20 килограми марихуана. Како што информираат од МВР, „мерцедесот“ бил управуван од 21-годишник од Дебар, а сопатник бил негов 27-годишен сограѓанин.

Во изминатите пак 24 часа, МВР откри и уапси двајца „трговци“ со наркотици. Станува збор за М.Р.(26) од Кратово и М.Б.(23) од скопски Чаир, кај кој беше пронајдена марихуана. Вчера пак, уапсен е М.И.(24) од тетовското село Боговиње, кој во себе носел марихуана. Истиот ден во близина на бензинска пумпа во тетовското село Жеровјане полициски службеници го уапсиле Д.Ш.(33) од гостиварското село Неготино кој во џеб од фармерките криел неколку грама кокаин, а во близина на гостиварското село Зубовце, полициска патрола ги уапсила Г.И.(18) од гостиварско Дебреше, С.А.(27) од Гостивар и А.А.(18) од село Врапчиште кај кои е пронајдена марихуана. Пред неколку дена беа уапсени и дилерите И.М.(29), И.А.(33), Г.М.(32) и Л.Н.(32), сите од Скопје кај кој е пронајдена поголема количина на марихуана.

Вака од прилика во последните месеци личат и изобилуваат со уапсени зависници и дилери полициските билтени. Според овие информации за низата откриени уживатели на дрога или пак препродавачи, најчесто се пронаоѓаат три вида на наркотици. Станува збор за најбараните, а според упатените и најконсумираните дроги во земјава, а тоа се марихуаната, хероинот и кокаинот.

Цената на овие наркотици варира, зависи од која „рака“ се препродаваат. Според сознанијата на „Слободен печат“, една квалитетна „шибица“  изнесува од 5 до 8 евра, 0,1 грам до 0,18 грама хероин, зависно од степенот на зависноста на еден корисник, цената на една доза хероин се движи од 5 до 10 евра, грам хероин се движи околу 15 до 25 евра, додека кокаинот е чисти 50 евра. За квалитетот на хероинот и кокаинот кој се продава на македонскиот „нарко“ пазар никој не гарантира 99% чистота, велат соговорниците, иако дилерите уверувале дека е „конјак јак“ или пак „гланц чист“.

– Во последните две недели, посебно на ударните места во центарот на Скопје, по локалите и дискотеките значително се намали бројот на „продавачи“, но и на „роба“. Цајканите удрија во Скопје и само ловат. Во цивилки ги има многу навечер. Ги научија новите локации каде можеше до пред некој ден слободно да се купи. Сега врие полиција и во Градски парк, во кафетериите низ Дебар Маало каде можеше да се стапи во контакт со „чоек“ и да се купи роба. Снема многу роба и одма цената за 100 до 200 денари за „шибица“ поскапе. „Амфетаминче“ оди од 300 до 500 денари во зависност од која јачина е – вели за „Слободен печат“, „трговец“ со опијати од Скопје.

Според него, бројот на консументи е зголемен и постојано се изложени на ризик да бидат откриени од полицијата при „доставата“ која во последниов период споредбено со минатата или предминатата година е тројно, ако не и повеќе зголемена. „Шпиц“ период во еден ден, според него, е околу 10 часот наутро и во вечерните часови, после 22 часот кога „горат“ мобилните од нарачки.

Неговото мислење го делат и вработени во ноќните локали со кои разговаравме. Тие за репортерската екипа на „Слободен печат“ сведочат дека Скопје е преплавено од зависници и наркотици. Според нивните согледувања, но и од тоа што го слушаат од разговорите на гостите во локалите, дрогата е толку присутна, што велат дека после 23 часот во било кој локал да влезе полиција, најмалку кај двајца ќе најде опијат. Трагично е тврдат тие што старосната граница на консументи е толку намалена, што веќе „марата“ одамна е исфрлена од користење меѓу младите зависници, а се повеќе се зголемува бројот на корисници на „потешки“ наркотици.

Според експертите, големиот наплив на дрога на територијата на земјава е резултат на големата побарувачка. Велат дека автоматски кога одреден вид на наркотик е доста баран од „клиентелата“, тогаш до израз дошол квалитетот и намалената цена, која директно се одразува на постојаната побарувачка.

– Земјавата од секогаш била и ќе биде транзитна зона на дрогата. Дел од таа што транзитира завршува и овде, за овдешните зависници. Но, веќе од поодамна е вклучен алармот дека бројот на зависници се зголемува, но и на дилери. Зголемен е бројот и на одгледувачи на „марихуана“. Говориме од тоа што до денес е откриено. За да имате реална слика колкав е бројот на зависници и трговци, секогаш бројот на официјално регистрирани, според светските мерила и стандарди помножете го со десет. Во Македонија бројот на зависници и мали или ситни препродавачи на дрога изнесува над 300.000 граѓани. Оваа бројка важи до сега. Утре таа ќе е поголема. Борбата со нарко-мафијата од поодамна е изгубена. Сега само се ублажуваат „болките“, од таа да речам, зараза – вели експертот по криминалистика Михајло Василевски.

Од МВР за „Слободен печат“ велат дека oваа година имаат најголема заплена на дрога во последните десет години.

– Од областа на недозволената трговија со дрога во 2018 година откриени се 789 кривични дела, за што се кривично пријавени 906 сторители, од кои 879 македонски државјани и 27 странци и тоа 16 државјани на Албанија, двајца државјани на Србија, Црна Гора, Бугарија и Косово и еден државјанин на Јордан, Перу и Чешка. Во рамките на овие кривични дела беа запленети еден тон и 532,4 килограми марихуана, 1,9 килограми хероин, 586,69 грама кокаин, 819 стебла, 679 парчиња и 82 грама семки од растението „канабис сатива“, таблети екстази, амфетамини, метамфетамини, хашиш, хашиш – смола, метадон, мешавина од кофеин и парацетамол, бупренорфин, ЛСД. Сузбиени се девет организирани криминални групи, спречени 11 меѓународни транспорти на дрога и имаме зголемување на откриените кривични дела и сторители за 43 отсто во однос на претходната година – велат од МВР.

Според полицијата, во 2018 година откриени се и четири импровизирани лабаратории со инсталирана опрема за производство на синтетичка дрога и една за хашиш масло.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот