Огнен Марина

Носталгичен град

Не смееме да станеме заробеници на носталгијата, особено кога тоа е резултат на стравот од промени. Минатото мора да е нашата учителка, но не смее да ни ја одземе храброста за создавање на нешто ново.

Пред повеќе од четириесет години, во сега далечната 1985 година, премиерно беше прикажан американскиот филм „Back to the Future“ (Враќање во иднината) на режисерот Роберт Земекис. Филмот ја обработува темата на патувањето низ времето како средство за преиспитување на личниот идентитет, семејните односи и последиците од човечките постапки. Преку авантурата на Марти Мекфлај, одигран од „вечното момче“ Мајкл Џ. Фокс, приказната покажува дека минатото не е само простор на сеќавање, туку и поле во кое се обликуваат сегашноста и иднината.

Овој филм, за генерациите лишени од интернетот и безброј ТВ-канали и платформи, ја отвори вечната тема на патувањето низ времето како можност да си го смените вашиот живот и најчесто баналното секојдневие. Сепак, еден од најинтересните слоеви на филмот, е неговата носталгија кон загубениот „идеален“ живот во американската периферија. Кога Марти се враќа во 1955 година, тој влегува во свет што е претставен како уреден, безбеден, просперитетен и јасно структуриран, свет на мали градски улици, семејни вредности, автомобилска култура и оптимизам поврзан со американскиот сон. Во таа смисла, филмот ја оживува сликата на приградскиот живот како симбол на стабилност и општествена хармонија, односно како изгубен модел на „подобар“ и поедноставен живот. Но, таа носталгија е и селективна, филмот не само што го идеализира минатото, туку и суптилно покажува дека таквата слика е конструирана, делумна и поврзана со специфичната перцепција на минатото од позиција на американската средна класа, белата раса, па дури и машки, шовинистички поглед кон минатото. Оваа идеализирана слика на „американскиот сон“ ќе доживее еден вид на ренесанса, токму во 80-тите години на дваесеттиот век во Америка, во екот на т.н. ера на Реган и веројатно врвот на Волстрит и пазарната економија. Сепак, токму таа слика во себе ќе го содржи и инхерентно вградениот конфликт, кој е сѐ уште скриен во тоа општество, а кој произлегува од нееднаквоста на жената и нејзината положба на навидум „совршена“ домаќинка, нееднаквоста на расните, етничките и верските малцинства, како и останатите социјални рестрикции. Токму затоа, „Back to the Future“ не е само забавна научнофантастична комедија, туку и филмска медитација за тоа како современата култура, задвижувана од природата на човекот, го измислува и романтизира сопственото минато.

Во едно од своите интервјуа за магазинот „Fortune“, Јанис Варуфакис, поранешен министер за финансии на Грција, рок политичар и лошото дете на капитализмот и европските политики, говорејќи за неговата книга „Технофеудализам“ ќе изјави дека во моментот кога феудализмот го доживува својот врв, на крајот на 18 век, феудалците и аристократите не можеле ниту да помислат, а камоли да замислат дека феудализмот е веќе мртов и дека за само две децении од тој момент, ќе го отстапи своето место на капитализмот. Варуфакис, оваа интересна компарација ја користи за да ја илустрира неговата теза за смртта на капитализмот како што го познаваме и фактот дека во овој момент веќе на сила е нов економски поредок. За нас, оваа компарација е интересна од аспект на несвесноста на луѓето за промените што веќе се случиле и кои суштински ќе го определат нивниот свет и начинот на кој ќе живеат тие и генерациите по нив. Неможноста да се види новиот свет, најчесто е поради комфорот на секојдневието, богато потопен во носталгичните мисли за „идеалното“ минато.

Во Скопје носталгијата како да е вградена во урбаниот код на живеење, односно ни доаѓа во „пакет“ со искуството од земјотресот во 1963 година. Ова чувство на „загубената вредност“ е особено засилено со еден вид траума од постземјотресната обнова на градот која ќе го создаде неповратното чувството за загубениот дух на „старо Скопје“. Со тоа, недовербата кон новиот свет и кон промените, засилена со бескрајната транзиција од деведесеттите до денес, ја издигнува скепсата на скопјани, кон новото и фетишот кон „загубеното“ минато, на ниво на урбан култ.

Реакцијата на граѓаните на Скопје на постземјотресната обнова, не секогаш била позитивна, односно во најмала рака била претпазливо оптимистична. За среќа, денес можеме да ја согледаме важноста на овој процес, најпрвин како исклучително важен и формативен за развојот на градот, а потоа и како извонреден и без преседан меѓународен проект реализиран од страната на ОН, кој ќе остави уникатен белег на современата историја на градот. Сепак, еден од најинтересните примери за оваа реакција на скопјани на промените по земјотресот е веројатно содржана во називот на новите префабрикувани куќи што масовно биле изградени по земјотресот. Изградбата на овие префабрикувани куќи била дел од меѓународната помош од голем број земји од каде што ќе пристигнат готови делови за брза изградба. Тие ќе бидат поставени во новите населби што ќе бидат планирани со новиот мастер план на градот, умешно развиен од Константинос Доксијадис и Градскиот завод за урбанизам на Град Скопје. Изградбата на овие куќи, не само што навремено ќе го реши ургентниот проблем за сместување на големиот број граѓани што останале без своите домови, туку во најголем број случаи ќе донесе и сосем нов стандард на живеење во Скопје. Шведските и финските бараки, со своите 100 м2 станбен простор и вградените шведски кујни, извонредната термоакустична изолација и индивидуалните системи за греење ќе бидат новитет за најголемиот дел од нивните нови корисници. И истите тие префабрикувани куќи, од скопјани ќе бидат пежоративно наречени како „бараки“. Бараки бидејќи наликувале на воени, евтини, непостојани и неквалитетни објекти, кои наспроти изградените куќи од камен и бетон, се нешто што било со неспоредливо „полош“ квалитет и стандард. Интересно е дека, истите тие „бараки“, во современо Скопје, ќе бидат основата и местото за едни од најпосакуваните населби за живеење, а нивните сопственици неколкукратно ќе профитираат од нивната вредност. Секако, тоа е пред сѐ поради квалитетот на планирањето и уредувањето на населбите, но краткогледоста на луѓето во потенцијалот на овој урбан развој е евидентен.

Постојат безброј примери, дури и на рецентна носталгија, која од време на време, ќе провее со наративите околу Скопје, па дури, во одредени случаи, ќе се претвори и во фетиш кон некои објекти во минатото. И сето тоа е во ред, сѐ до моментот кога тоа ќе нѐ заслепи и ќе стане пречка за да сфатиме дека нешто ново се случува. Да се потсетиме кога дебатата за Универзална сала, дали да се дислоцира и изгради на ново, соодветно место, беше целосно обоена од носталгичната реакција на еден извонреден музичар од светски квалитет, но катастрофален урбанист (бидејќи човекот не е урбанист). Таа носталгична реакција ја остави Универзална сала да се реконструира на постојната локација, а во реалноста да се реизгради, на целосно погрешно место, секако од урбанистичко, планерски аспект. Конечно, наративот за загубениот дух на старото Скопје беше и претекст за низа интервенции на проектот Скопје 2014.

Носталгијата е речиси секогаш длабоко поврзана за личното искуство, за градот, за некое место, за куќата, за луѓето, сплотено во комплексот на безбројни сензации. Скоро секој го доживеал чувството кога некаков мирис ќе го потсети на одреден момент, личност, настан, простор или наједноставно кажано, дел од неговиот живот. Но, спомените, особено носталгичните, знаат да измамат, токму затоа што се длабоко субјективни и лични. Токму затоа, иако длабоко вградени во човечката природа, особено кога ќе се соочи со предизвиците на современиот живот и баналноста на секојдневието што никогаш не изгледа така романтично и убаво, спомените не можат да бидат критериумот за нашите одлуки за иднината.

Не смееме да станеме заробеници на носталгијата, особено кога тоа е резултат на стравот од промени. Минатото мора да е нашата учителка, но не смее да ни ја одземе храброста за создавање на нешто ново. Ние мора да сме дел од тие промени, токму поради почитта кон минатото и знаењето со кое треба да ја создаваме таа иднина. Бидејќи, потонати во нашите носталгични мисли за навидум идеалното минато, речиси сигурно ќе се најдеме во ситуација да не забележиме дека светот околу нас веќе се променил.

(Авторот е професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ, во Скопје)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот