Николовски: Мелничарите купија суровина за 11, а не за 20 денари, да одговорат кои се аргументите за поскапувањето на лебот

Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство
Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство / Утрински брифинг

Цените на житото годинава се преполовени. Мелничарите се снабдија со суровина по цена од 11 денари, а не по цена од 20 денари. Затоа, треба да одговорат кои се аргументите, зошто некој би барал поскапување на лебот на грбот на граѓаните, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Според Николовски, новите три мерки што ги донесе Владата на денешната седница и кои ќе се реализираат преку Интервентната програма, се насочени кон земјоделците зашто тие, како што напомена, се најпогодени.

„Мелничката индустрија оваа година се снабди со суровина која е преполовена и фер и коректно е да не се шпекулира и шпекулативно да не се создаваат цени. Ова е специфична година во која цената на житото на светските берзи беше преполовена, но и нашата мелничка индустрија се снабди со суровина која што е по цена од 11 денари, не по цена од 20 денари. Електричната енергија за разлика од минатата година исто така е стабилизиран пазарот и цените. Треба да одговорат кои се аргументите, зошто некој би барал покачување на цената на лебот на грбот на граѓаните кога мелничката индустрија се снабди со драстично поевтина суровина оваа година. И токму затоа нашата поддршка е со дополнителна поддршка на тие коишто го произведуваат житото, а тоа се земјоделците“, потенцира министерот.

Според него, цените на светските берзи на житото оваа година се преполовени и затоа државната поддршка преку Интервентната програма, напомена, е насочена кон производителите.

„Ние и минатата година немавме поддршка од дополнителен еден, два или три денари за пченицата за откупот. Зошто? Затоа што цената откупна на пченицата беше и 20 и 22 денари зависно од квалитетот. Дури ни такво барање не беше воспоставено. Се сеќавам дека дури и тогаш немаше зголемување на цената на лебот, а камоли сега кога зборуваме за преполовени откупни цени на пченицата. Нашата цел е државната поддршка да ја насочиме кон оние што беа најпогодени. Тоа не е мелничката индустрија. Тоа се производителите и нашата цел е да го задржиме и стабилизираме домашното производство на пченица и на долг рок да станеме увозно независна, на среден и на долг рок“, подвлече Николовски кој претходно ги објасни трите нови мерки за финансиска поддршка на производителите на пченица, семенски материјал и градинарски култури.

Новите три мерки што ги донесе Владата денеска се: три денари по килограм поддршка за остварено и предадено или складирано производство на пченица, за произведен домашен сертифициран семенски материјал од прва и втора генерација на пченица и јачмен, како и поддршка за домат и краставица. м

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот