Незапирливо расте бројот на заразени, хоспитализирани и починати

Медицински тим вади труп на починато лице од коронавирус од Инфективната Клиника во Скопје / 31 март 2020, Скопје, Северна Македонија / EPA-EFE/NAKE BATEV

Од 6 до 26 август се заразиле 17.020 граѓани во државата. Од нив, 2 924 лица или 17 отсто се целосно вакцинирани. Во анализата на Министерствтото за здравство се наведува дека 11 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти биле целосно вакцинирани

Смртноста од ковид во земјава продолжува да ескалира. Голем број граѓани од сите возрасти ја губат битката со коронавирусот, а за тоа не се докрај познати причините. Нови 978 случаи на Ковид -19 од направени 7.452 тестирања се регистрирани во последните 24 часа. Починати се 24 пациенти, а бројот на активни случаи во земјава достигна 14.127, соопшти Министерството за здравство.

Речиси половина од новите случаи односно 405 се во Скопје, по што следуваат Тетово со 72, Струмица со 66, Куманово со 55 и Гостивар со 48 случаи.

Рекорден број на починати од ковид-19 во четвртиот бран беше евидентиран во статситиките на Министерството за здравство за претходното деноноќие, објавени во саботата вечерта. Починаа 36 лица, меѓу нив и 24-годишно момче од Ресен. Бројот на новозаразени во изминатиот период се движи околу 1.000 дневно.

Анализите на МЗ покажуваат дека 83 отсто од новозаразените не биле вакцинирани, а меѓу хоспитализираните тој процент е 89. Само 10 отсто од починатите во август биле вакцинирани. Од 6 до 26 август се заразиле 17.020 граѓани во државата. Од нив, 2 924 лица или 17 отсто се целосно вакцинирани.

Во анализата на Министерствтото за здравство се наведува дека 11 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти биле целосно вакцинирани.

Информацијата дека 24 годишно момче од Ресен почина од ковид викендов ја вознемири јавноста. Момчето неофицијално, правело свадба во хотел месецов, по што еден ден пред својот 24 роденден починало. Имало отежнато дишење и ниска сатурација, поради што било примено и хоспитализирано во битолската болница.

Од Министерството за здравство тврдат дека момчето, откако ја примило терапијата, одбило да остане на болничко лекување иако имало потреба да за тоа. Пациентот потпишал изјава дека се согласува да биде испишан од болница на сопствена одговорност, и отпуштен е од болница со препишана терапија што требало да ја прима во ресенската модуларна болница, наведуваат од Министерството. Но, пак се појавила потреба за хоспитализација, бидејќи состојбата уште повеќе му се влошила. Младиот пациент бил поставен на двојна кислородна поддршка со интензивна терапија, но немало добар исход. На 27 август во раните утрински часови тој починал и покрај обидите на лекарите да го спасат.

Причината за високата смртност и големиот број новозаразени, Министерството за здравство ја лоцира во ниската стапка на вакцинација кај младите групи. Тие, доколку не се имунизираат можат да развијат тешка форма на болеста која може да доведе до хоспитализација а некогаш и до смртен исход, велат од Министерството за здравство.

„Потпирајќи се на природниот имунитет и добрата здравствена состојба, младите лица ја одбиваат или пролонгираат имунизацијата, со што се изложуваат на значително висок ризик од инфекција, а во случај на заразување сè почесто развиваат и тешки симптоми и компликации, бидејќи не се соодветно заштитени“, велат од Министерството за здравство.

„Сите починати пациенти биле во тешка здравствена состојба, голем број од нив се невакицинирани и со сериозно тешки комбинирани болести. Многу голем број од пациентите доаѓаат доцна на лекар, кога болеста е веќе во сериозен развој и состојбата веќе е критична. Втора причина за смртноста на пациентите со ковид е бидејќи истите имаат многу коморбидни состојби. Од почетокот на пандемијата во болниците постојат утврдени протоколи за лекување на пациентите”, велат од Министерството за здравство во одговор до „Слободен печат“.

Во разговор со лекари, дознаваме дека овие протоколите за лекување, за кои зборува МЗ, се добри само за пациенти кои имаат само дијагноза на ковид и ниту една друга придружна болест. Во сите други случаи лекувањето зависи од тие придружни болести и протоколот мора да се менува.

– Протоколи има, ама само за инфективниот карактер. Значи, протоколот е само за коронавирусот. Е сега, сите што доаѓаат кај нас се со хронични болести. Секоја терапија што се дава кај овие ковид пациенти за ковидот, има нус ефекти за другите болести кои ги има пациентот. Ако пациентот е дијабетичар, доаѓа ендокринологот и ни кажува да ја намалиме кортикостероидната терапија. Ако пациентот има кардиолошки болести, тогаш ќе дојде кардиологот и ќе нареди да се вклучи некоја друга терапија. Значи се работи за едно комплексно лекување кое зависи од случај до случај. Не може да се каже, имате протокол и лекувајте – вели за „Слободен печат“ раководителот на ковид центарот во Тетовската Клиничка Болница, доктор Гзим Нуредини.

Тој укажува дека во тој протокол, давањето на лековите по шема, оди тешко.

– Ако се одлучи докторот да дава лекови по таа шема веднаш утре ќе види дека шеќерот на пациентот рипнал на 30. Ако ритмот на срцето на пациент со кардиолошки проблеми е покачен, кардиологот бара да се извади дел од терапијата и тој додава некоја друга терапија. Многу е комплексно. Протоколот е одличен ако дојде некој само со корона, а ако дојде некој со корона и уште други дијагнози е тогаш има многу работа и токму ова е проблемот зошто има починати. Инаку кога пациентот има само ковид, полесно е и протоколот подобро се спроведува – вели д-р Нуредини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот