Нeзаборавена историја

Божидар Миљовски, Фото: Архива

Мој драги Перо Пирузе, чувствувам обврска барем малку да ти се оддолжам со овие неколку сеќавања за случувањата со тебе кои остануваат незаборавни.

Раното детство повлекува трајни сеќавања. Во мојата фамилија се надоврзуваа настани, кои најчесто се поврзуваа со поширокото роднинство. Во раните години дојдов во контакт со роднината Перо Пирузе, со кого посебно контактираше мојот татко, што ме поттикна да ги обновам сеќавањето. Денес сум возрасен градежник и спомените ме враќаат во минатото, со желба запаметеното да не се заборави.     

Во нашата куќа во Ресен, која е најблиска до касарната, од 1941 до 1944 година живееше на горниот кат командантот на бугарскиот гарнизон, капетан кој беше висок интелектуалец со два факултета. Со татко ми најдоа заеднички јазик, заедно, секој ден, ги слушаа вестите од Москва, Берлин и Лондон и дискутираа за состојбата на фронтовите. Јас како мало дете од 8 години седев под масата и ги слушав дискусиите. Во тој период од 4 години се случија многу интересни случки.

Пред војната, во 1936 година, Петре Пирузе служел како правник во канцеларија и служел дел од воениот рок во касарната во Ресен. Како наш подалечен роднина, спиеше кај нас и со татко ми како левичари многу добро се разбираа. Почна војната и Бугарија нè окупира. Јас како ученик во прво одделение одев во бугарско училиште, каде што ме научија да рецитирам стихотворение. Дојдов дома и му се пофалив на татко ми со стихотворението: „Качамак, качамак, денеска јадов, утре пак“. Татко ми скокна налутен: „Само што дојдоа Гањовци нè направија свињи!“ Во тоа време, свињите ги раневме со пченкарно брашно. Бугарската окупација на Македонија почнува во 1941 година и започна прогон на левичарите. Во четврток, во Битола, Јонче Матил од Охрид, со свој камион, дошол на пазар во Битола и одеднаш Бугарите го запреле и го барале Перо Пирузе, а Јонче му бил роднина на Пирузе. Јонче ја сфатил ситуацијата, а тој имаше помошник младо дете со исто име и презиме Перо Пирузе. Бугарите, кога го слушнале истото име, веднаш го уапсиле. Јонче успеал да му шепне на детето да не кажува дека не е вистинскиот Перо Пирузе. Му шепнал: „Ќути, издржи еден ден во затвор!“.

Јонче Матил се растрчал низ Битола да го најде Перо Пирузе. На крај, околу ручек му текнало да го побара кај стрико ми Киро Миљовски. Влегол кај нив и ги нашол на маса како дискутираат Перо Пирузе, стрина ми Деса Миљовска и стрико ми Киро Миљовски. Матил, целиот задишен од трчање, му соопштил на Пирузе дека Бугарите го бараат да го затворат. Перо Пирузе истата вечер полека се префрлил во Ресен. Околу 11 часот отишол кај фурната на Гера, таму беше сестра му на Геро која беше левичар-активист. Кога сестра му слушна дека Перо го бараат Бугарите, одби да го прими. Перо по полноќ чукна кај нас со зборовите: „Кице, имаш четири деца, не треба кај тебе да доаѓам, ама немам каде“. Татко ми му одговори веднаш: „Перо, влегувај и не се секирај“. Во петокот дента татко ми се обиде да стапи во врска со Мите Богоевски за да го преземат Перо. Се договорија да го преземат во саботата навечер. Во саботата околу ручек капетанот дојде на разговор кај татко ми и седна на иста маса со него и со Перо Пирузе. Три-четири часа дискутираа. Вечерта, во саботата, татко ми го префрли Перо кон Болно, каде што го дочека Мите Богоевски и го презеде. Паметам, подоцна слушнав Перо и Мите многу тешко ја поминале реката Болсница, која била надојдена. Во неделата наутро дојде капетанот и го праша татко ми: „Хазјаине, си ојде ли тој твојот комунист, да ти кажам многу јака личност“. Дента околу 12 часот, Бугарите го бараа Перо Пирузе и во Ресен и дојдоа кај нашата куќа. Излезе капетанот и им рече: „Зар мислите дека во куќата на командантот ќе барате комунист?“ И ги избрка.

Формираше партизански одреди

Перо Пирузе стигна во Охрид, таму Перо Рупе и други левичари му помогнаа, го криеја сè до судењето. Кога беше осуден на смрт, прејде во илегала, сè до заминувањето во Караорман и славна Дебарца, каде што почна со формирање партизански одреди. Таму го доби името Перо Пирузе Мајски, водач на партизанското движење во западна Македонија. Во Караорман не успеале да продрат ниту Бугари, ниту Германци, ниту балисти. Народот ги хранел партизаните. Во 1942 година, Светозар Вукмановиќ Темпо, по налог на ЦК на Југославија, доаѓа во Преспа да формира партизански одреди и го повикал  Перо Пирузе да дојде во Преспа. Перо Пирузе одбива со зборовите: „Нема што ти да формираш партизански одреди, дојди овде во Караорман, ние имаме партизански одреди од 1941 година“.

Перо Пирузе го дочекува ослободувањето како член на Президиумот и бил назначен како прв повереник за правосудство, што би рекле денес – министер за правосудство. Меѓу првите состаноци на президиумот е и дискусијата за поделба на еврејските куќи и станови. Перо Пирузе го напушта состанокот со зборовите: „Ме затвораа Србите, ме бркаа Бугарите, па изгледа дека целата наша борба се сведе за делење на еврејските станови“. Додека бил во Македонија, работел на втемелување на правниот систем ва Македонија .

Во 1947 година е испратен во Белград да биде еден од врховните судии, каде што останал  до 1950 година, кога е затворен и пратен на Голи Оток, сè до 1954 година кога е ослободен. Кога слушнала мајка му дека Перо е затворен, добила удар и оглувела. Помнам и неколку случувања од тој период поврзани со Перо Пирузе. Додека беше Перо во Белград се случи и Информбирото. Двајца наши братучеди студираа право на Белградскиот универзитет, Сотир Пирузе и Сотир Главинче. Еден ден, двајцата братучеди читаат на огласната табла кои секретари се затворени и гласно коментираат. Попладнето  отишле кај чичко им Перо и му кажале што прочитале и што коментирале гласно. Перо ги сослушал и им рекол: „На воз и бегајте за Македонија!“ Сотир Пирузе ноќта заминал за Македонија, а Сотир Главинче останал и бил затворен и минал две години на Голи Оток. Вториот случај е во Загреб, во 1958 година. Седев во кафеана со двајца мои колеги,  Љубо Бољевиќ и Душко Ѓуровиќ, кои минале неколку години на Голи Оток. Ме изненади нивниот исказ во подолгиот разговор и сеќавањата на Голи Оток: „Меѓу нас, сите  затвореници од цела Југославија се истакнуваше еден Македонец, кој беше многу смел и нè бодреше сите нас, но тој не беше Македонец, тој беше Македонштина, човечиште!“   Оваа некогашна нивна изјава и воодушевеност од Перо Пирузе ме следи целиот мој живот.

Третиот случај е од 1962 година во Охрид, на прослава на 40 години од формирањето на Преспанскиот одред. Говорот го одржа Темпо, во кој извикнува: „Шта су тражили Бугари у Македонију?“ Митингот се држеше пред пристаништето, а јас седев на една клупа и до мене седеше еден старец, кој кога слушна што рече Темпо, доста гласно кажа: „Ами што бараше ти во Македонија да ни формираш единици, нашиот Перо Пирузе Мајски уште од 1941 година во Караорман имаше единици!“

Одземена па вратена партизанска Споменица

Подоцнежните случувања се зачудувачки за еден херој! Во 1945 година добил партизанска Споменица 1941 година, во 1950 година му е одземена, и во 1966 година е рехабилитиран и му е вратена Споменицата. Почина во 1980 година, погребен во тесен круг на семејството и никој од власта не дојде да се прости од соборецот. Киме Манчевски од Болно му одржа погребен говор. „Е, моја Македонијо, еден херој каков што беше Перо Пирузе Мајски кој целиот живот ѝ го посветил на Македонија, вака срамно да си замине!“

Мој драги Перо Пирузе, чувствувам обврска барем малку да ти се оддолжам со овие неколку сеќавања за случувањата со тебе, кои остануваат незаборавни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот