Непочитување на препораките на Венецијанската комисија, сериозна опасност за недобивањето на датум за преговори

Реакциите по препораките на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците не стивнуваат. Партиите се поделија, а јавноста наголемо дебатира. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и партиите на албанската опозиција максимално „нагазија“, најверојатно да ги искористат петте минути во предизборниот период за некој глас плус на контото. Коалициските партнери СДСМ и ДУИ, пак, не можат да се договорат кој „маневар“ да го фатат за да остане коалицијата на нозе.

Во меѓувреме, никој не мисли на европската перспектива на Македонија, односно, како што посочуваат експертите за европски прашања, никој не мисли на реформите кои треба да бидат спроведени од нон пејперот на Франција. Експертите предупредуваат дека непочитувањето на препораките од Венецијанската комисија ќе има импликации врз европската перспектива на земјата, и тоа краткорочни и долгорочни. Краткорочните ќе бидат во однос на оценките и на Европската комисија и на државите членки во врска со имплементацијата на реформите, бидејќи препораките од Венецијанската комисија се секогаш имплементриани од сите земји членки на Унијата. Долгорочно, ќе има влијание врз европските институции.

Според Малинка Ристовска од Инстиутот за европска политика, треба многу внимателно да се разгледаат препораките, да се следат и да се имплементриаат на начин кој ќе биде соодветен за нас. Таму има крупни забелешки, вели таа.

– Евентуалното непочитување на препораките на Венецијанската комисија секако ќе има влијание врз европската перспектива и датумот за преговори, но и пошироко, врз довербата, внатрешна и надворешна, во капацитетот на државата да ги решава клучните прашања. И Европската комисија и државите членки ќе го земат сериозно предвид мислењето на Венецијанската комисија, кое содржи сериозни забелешки, како на самиот текст на Законот, така и на начинот на неговото донесување. Владата би требало да изјави јасна политичка волја за согледување на сите релевантни прашања кое ова мислење ги покренува и да пристапи сериозно кон нивно решавање – вели Ристовска.

И денеска вицепремирот за европски прашања, Бујар Османи, останува на ставот дека Законот за јазици не треба да се чепка.

– Да повторам уште еднаш, три документи кои се во основа на државноста, а тоа се Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и Законот за јазици се документи кои се иреверзибилни и кои нема да бидат предмет на никакви промени и измени, ниту еднонасочни, ниту какви било промени, туку треба да се најде начин како да ја имплементираме намерата на Венецијанската комисија за создавање капацитети со цел имплементирањето на двојазичноста да не создава проблеми во општеството – изјави Османи.

Од друга страна, опозицискаа ВМРО-ДПМНЕ притиска препораките од Венецијанската комисија да се прифатат.

– Ако го анализирате нон пејперот кој беше презентиран и доставен до Владата, а е дел од политиките на претседателот Макрон и на владата на Франција, во вториот дел јасно стои дека напредокот на државите ќе се мониторира преку определни индикатори меѓу другото и почитување на одлуките на меѓународни институции како што се Венецијанскта комисија, ГРЕКО и др. Така што не можеме да бидеме со двојни стандарди на државите, некогаш ќе добиваме, некогаш ќе губиме како политичари – рече вчера Мицкоски.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ денеска најавија дека ќе поднесат амандамни со цел измена и дополнување на Законот за употреба на јазиците и негово усогласување со препораките на Венецијанската комисија и ги повикаа колегите од власта да ги поддржат.

Од владата уште еднаш нагласија дека препораките на Венецијанската комисија ќе бидат земени предвид и дека сериозно ќе се разгледаат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот