Нема трага од истрагата за бегството на Груевски – Слободен печат
ВестиВи ПрепорачувамеМакедонија

Нема трага од истрагата за бегството на Груевски

Од ЈО објаснуваат дека уште трае предистражната постапка, а според досегашните докази се случиле само определени пропусти во постапувањето на надлежните институции, но не и кривично-правни дела.

На речиси една година по бегството на осудениот поранешен премиер Никола Груевски, Обвинителството сè уште води предистрага и нема што ново да соопшти ниту за евентуално отворање на истрага ниту за евентуална утврдена кривична одговорност на службените лица во надлежните институции. Груевски побегна лани на 13 ноември и оттогаш ЈО за гонење организиран криминал и корупција води предистражна постапка која, како што велат, не е завршена. Постапката треба да одговори дали службени лица му помогнале на Груевски, односно дали некој намерно не издал соодветни наредби за обезбедување на експремиерот, против кого во моментот на бегството имаше една осудителна пресуда за затвор во траење од две години за случајот „Тенк“ и пет судења за тешки кривични дела што против него ги поведе Специјалното јавно обвинителство.

„Во врска со предметот за бегството на осуденото лице ве известуваме дека се преземаат дејства во рамките на предистражна постапка. Побарани се дополнителни податоци и се очекува пристигнување на извештаите од наредените вештачења на одземена техничка опрема. До овој момент надлежниот обвинител нема утврдено постоење кривична одговорност на службени лица што помогнале или учествувале во организирањето и реализацијата на бегството на сега осудениот Никола Груевски. Досега прибавените докази упатуваат на заклучокот дека имало определени пропусти во постапувањето на надлежните институции, но истите не претставуваат кривично-правно дејство и не се во надлежност на Јавното обвинителство“ – се вели во одговорот од ЈО до „Слободен печат“.

Досега се сослушани шеесетина лица од полицијата, од граничната полиција од обезбедувањето на Груевски и други, а обезбедени се и листинзи од телефонските контакти на експремиерот од периодот пред бегството. Официјално, не е познато како Груевски од Македонија влегол во Албанија, од каде, пак, преку Црна Гора заминал во Унгарија, која му додели политички азил.

Во периодот по бегството следуваа серија меѓусебни обвинувања на релација полиција, СЈО, судство, гранична полиција за тоа кој е виновен што добивме премиер-бегалец, особено што на надлежните им бил познат фактот дека на еден месец пред бегството Груевски повлекол многу готовина од банките. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прашањето како Груевски му побегнал на МВР одговараше категорично дека МВР нема одговорност затоа што немал налог да го следи или чува премиерот. Специјалната обвинителка Катица Јанева велеше дека обвинителствата немаат ингеренции околу казните по правосилноста на пресудите и дека тоа е целосна одговорност на судот. Таа рече и дека не побарала притвор до правосилноста на пресудата за „Тенк“ оти сметала дека нема основа и не можела да го поврзе со останатите случаи дека тој ќе избега поради двегодишната казна и ќе ги оневозможи да ги довршат другите предмети. А се случи токму тоа што Јанева не можеше да го поврзе за да побара притвор од судот.

По бегството имаше и сомневања дека се работи за политички договор на Груевски со власта, што премиерот Зоран Заев го демантираше и најави дека ги знае сите детали за бегството и гори од желба да ги каже, но ќе го сторел тоа кога ќе дојде време. Ниту Груевски, кој од Будимпешта даде повеќе интервјуа, не откри како избегал и кој му побегнал, само категорично тврдеше дека не избегал од самото одлежување на двегодишната казна, туку поради индиции дека во затворот ќе го убијат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

2 Коментари

  1. ПОГОЛЕМ ПАТРИОТА – КОМИТА-АРАМИЈА НЕМА ДА СЕ РОДИ ВО 21 ВЕК. ЕЕЕ ПРИРОДАТА Е КРИВА ЗА СЕ ТУКА МЕДИЦИНАТА ШИРИ РАЦЕ НЕМОЌНА Е! ШТО СУДБИНА ИМАЛА ТАА ЈАДНА МАКЕДОНИЈА?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close