Нема предвремена кампања за локалните избори, сѐ е законски, тврди Заев

Избори Македонија
Избори во Македонија / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека со промовирање на досега сработените проекти по реакциите во јавноста за предвремена кампања за локалните избори не се прекршува законот и оти сакаат да им предочат на граѓаните нешто позитивно на што се работело за време на падемијата.

– Должност е на сите да им предочиме на граѓаните што е направено, сите информации. Пред неколку дена бев и со градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ. Сите овие се инвестиции и се работеа за време на најнеочекувана светска криза пандемијата од ковид -19, со што дадовме дополнителен импулс на економскиот развој на државата, но и се решија вековни проблеми. Генерално законот јасно опишува кога е дозволено, кога не е дозволено. Ние го почитуваме законот. Сакаме да им предочиме на граѓаните нешто позитивно, затоа што психолошката траума влијае кај сите нас од пандемијата, која трае и продолжува а ние мора да димензионираме нова наша реалност со која димензионираме да живееме, рече Заев.

Премиерот посочи дека тие не промовираат програми, не кажуваат што ќе направат туку само ги констатираат работите на кои Владата вложила труд и енергија.

-Не се прави нешто посебно сега од тоа што се правеше пред шест месеци или пред една година. Секогаш се прави отворање на објектите, пуштање во употреба, благодарност кон инвеститорите, до самите институции кои вложуваат во вакви капитални објекти се со конечна цел да испраќаме позитивна порака да констатираме кај граѓаните за се што се работи успешно, а секако кога ќе дојде 17 октомври тоа е до сега натаму за месец и половина граѓаните сами ќе си одлучат што е најдобро за нивната општина и за Градот Скопје, изјави Заев.

На прашањето дека во минатото им забележуваа на претходните власти дека водат предвремени кампањи, а сега тие истото го прават Заев рече дека кога СДСМ беа во опозиција тоа прашање беше вградено о регулирано во изборното законодавство

– Забелешките коишто беа дадени од тогашната опозиција, предводени од мене, беа вградени во Изборниот законик и денеска ќе го видите членот 8-а во којшто се наведува прецизно во согласност СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Беса, Алијанса, ДПА тогаш сите што беа и денеска тоа е консензус на сите како потреба да се отстранат тие слабости и тие се остранети. Затоа денеска се знае кога имате да пуштате објекти, а кога е тоа забрането, кога имате право да користите јавни ресурси, кога е апсолутно забрането. Казните се внесени во Изборниот законик, па дури и некои казни се внесени во Кривичниот законик. Од тогаш постигнавме договор и го почитуваме сите, вклучувајќи ја и опозоцијата затоа што опозицијата некаде има локална самоуправа, рече Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање премиерот и лидер на СДСМ потврди дека освен за Максим Димитриевски, кој собра потписи за независен кандидат за градоначалник на Куманово, а е од СДСМ, ќе се примени исклучување од партијата и за други членови кои собрале потписи за независни кандидатури.

– Секако, тоа не е дали Заев така одлучил или централниот одбор или највисокото раководство, статутот на СДСМ е таков, односно одлуките ги носат самите поединци дали е Максим дали е господинот Зоран Ногачевски од СДСМ, бил член на раководни структури на СДСМ и пошироко. Тие ја носат одлуката знаејќи каков е статутот на партијата. Ние немаме што друго да додадеме. Обврска е само на првиот Централен одбор да ги констатираме одлуките кои тие ги донеле и дефинитивно така е опишана демократската процедура кај нас а тие тоа го знаат, рече Заев.

Во однос на кандидатот за градоначалник на Кочани, навести дека кандидатурата на актуелниот градоначалник ќе биде објавен по одбележувањето на празникот на градот 7 септември.

– Актуелниот градоначалникот на Кочани важи за еден од најдобрите градоначалници во државата, е со изразито висок рејтинг и е пример како една локална самоуправа треба да се среди, да се организира и да се постави. Тие слават на 7 септември ден на градот и замолницата беше да не чепкаме со одлуките да се прослави денот на Кочани, и после тоа да се донесе одлуката. Веројатно на денот на независноста ќе ја донесеме одлуката. Ние имаме свој став по ова прашање, рече Заев.

Премиерот и лидер на СДСМ Заев повтори дека нивната коалиција со ДУИ, со Беса и ДПА и со другите партии е принципиелна и дека таму каде што имаат свои кандидати тогаш ќе ги остават граѓаните сами да си одлучат.

– Таму каде што СДСМ нема кандидат тогаш на нашите симпатизери и членови ќе им препорачаме за тоа што е најдобро за нив. Во вториот круг, кога ќе влезе еден од коалицискиот кандидат наспроти еден од опозоцијата, логиката вели дека ќе гласаме за тој од коалицијата. Ако се случи да влезат двајца членови на коалицијата сите наши членови ќе добијат напатствија да гласаат онака како што мислат дека е најдобро за нивната општина, рече Заев.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот