Нема онлајн настава, при каква било криза училиштата последни ќе се затворат

Училиште, училниц
Празна училница /Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Од Комисијата за заразни болести велат дека на сила се само четири мерки за заштита од ковид-19, за задолжително носење заштитни маски во здравствените установи, аптеките, јавниот превоз и во старските домови, а наставата ќе почне со физичко присуство за сите

Учениците оваа учебна година ќе ја следат со физичко присуство во училиштата и засега нема можност за одржување онлајн настава, информираат од Министерството за образование и наука. При евентуални кризи од кој било вид, здравствена, енергетска или еколошка, ставот на МОН е дека училиштата последни ќе се затворат, а први ќе се отворат.

Одреден број родители на социјалните мрежи споделуваат загриженост во врска со пандемијата со коронавирус, која не е завршена, како и со енергетската криза. Во семејствата каде што имале потешки случаи со ковид-19, каде што има чувствителни или болни членови, родителите се плашат децата да не го донесат повторно вирусот во нивните домови, а дилема е и енергетската криза што може да донесе студени училишта, темни улици и екстремно загаден воздух. Но, од МОН се категорични:

– Околу начинот на организирање на наставата, препорака дава Комисијата за заразни болести, така што доколку има промена на одлуката за отпочнување на наставата со физичко присуство во училиштата, навремено ќе биде споделена – велат од Министерството за „Слободен печат“.

На прашањето, пак, за потенцијални проблеми зимава од аспект на затоплување на училиштата, за тоа дали имаат анализа како се греат објектите и дали сите ќе имаат доволно пари да обезбедат непречена настава, како и дали се размислува за продолжен зимски распуст или онлајн учење во зима, од МОН велат дека во вонредни околности, училиштата последни треба да се затворат.

– Ако се случи такво нешто, училиштата први треба да бидат повторно отворени. Состојбата ќе се следи и за какви било одлуки поврзани со наставата, јавноста ќе биде информирана навремено – велат од МОН.

Од Комисијата за заразни болести велат дека сите мерки за спречување на пандемијата Владата ги укина пред четири месеци, а на сила се само четири, односно задолжително носење заштитни маски во здравствените установи, аптеките, јавниот превоз и во старските домови.

– Ја следиме ситуацијата и ако има потреба, ќе ѝ препорачаме на Владата да донесе нови мерки. Наставата во училиштата ќе почне со физичко присуство за сите – вели портпаролот на Комисијата за заштита од заразни болести Злате Мехмедовиќ.

Училиштата се подготвени, нови 265 кабинети по природни науки

Од МОН информираат дека освен редовните дотации во изминативе две години и дополнително вложуваат за подобрување на условите во училиштата, за што во буџетот на Министерството се предвидуваат милијарда денари за изградба и реконструкција на училишта, спортски сали и слично, што е двојно повеќе од изминатите години и тие средства се реализираат.

– Голема поддршка за опремување добиваме од Светска банка, кои се финансиери на проект за унапредување на основното образование во вредност од 21,5 милиони евра, а кој во следните 5 години ќе обезбеди побрза и поголема достапност на пари за училиштата, повеќе инвестиции, полесно справување со предизвиците од пандемијата и генерално подигнување на конкурентноста на образовниот систем. Меѓу другото, проектот предвидува вложување во постојните објекти, опремување на кабинети, набавка на ИТ-опрема, нагледни и наставни помагала, набавка на училишна опрема како клупи, столчиња, табли, збогатување на библиотечните ресурси и слично. Информираме дека преку овој проект е набавена опрема за кабинетите по природни науки во 265 основни училишта, за да можат учениците да добијат детална претстава и визуализација на тоа што го учат. Кабинетите ќе бидат во функција со стартот на новата учебна година – велат од МОН.
Оттаму додаваат дека летово се завршени 30-ина реконструкции на училишни објекти, а уште десеттина се во тек. Во тек е и изградба на две училишни спортски сали, како и изградба на неколку училишни објекти.

Ќе се вработат 720 образовни асистенти

Во врска со процедурата за вработување на образовните асистенти за децата со посебни образовни потреби и дали МОН ќе обезбеди образовни асистенти за средните училишта, особено за државните средни училишта што не се под ингеренции на локалната самоуправа, од МОН одговорија дека ќе бидат вработени 720 образовни асистенти, колку што побарале родителите.
– Огласите за ангажирање образовни асистенти ги објавуваат и постапките ги спроведуваат основните училишта со ресурсни центри, каде што и всушност овој стручен кадар се вработува. Со оглед на тоа што образовната асистенција е законска обврска, обврска на државата, МОН заедно со Министерството за финансии обезбеди согласности за ангажирање 720 образовни асистенти, во согласност со искажаните потреби на родителите на учениците со попречености кои побараа поддршка од образовен асистент, а тоа е 220 асистенти повеќе во однос на минатата учебна година. Веруваме дека на овој начин ќе се обезбеди квалитетно образование за сите ученици – одговорија од МОН.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот