Недостиг на антибиотици? ЕУ се спрема за тешка зима, Македонија молчи

Unsplash
Фото: Unsplash

Фармацевтската компанија „Плива“ пред пет дена пријави во Агенцијата за лекови на Хрватска, дека очекува да снема антибиотик „клавоцин“ поради производствени причини. Најавените можни недостатоци се од 15 декември до 20 јануари. „Слободен печат“ праша во МАЛМЕД и во Министерството за здравство дали некоја компанија во земјава пријавила дека можеби ќе снема антибиотици од нивната производствена или увозна линија, поради недостигот кој го има на глобално ниво и тоа претежно со активните супстанци кои се увезуваат од Кина и Индија, но оттаму наидовме на молк.

Во меѓувреме Европската Комисија е се погласна дека таков проблем со медикаментите постои. Европската комисија пред еден месец усвои сет на мерки за да се спречат и ублажат недостатоците на лекови во ЕУ претстојната зима но и во периодот кој следи потоа.

„Недостигот на критични лекови меѓу кои и антибиотици минатата зима, покажуваат дека е потребна континуирана акција за да се одговори на предизвиците со снабдувањето и тие во европски рамки да се направат поотпорни на долги патеки“, објави Европската Комисија и изработи документ со кој им укажува на земјите членки на ЕУ какви мерки да преземат за да го спречат или ублажат недостигот на лекови во ЕУ.

Овој документ од Европската Комисија се однесува на најкритичните лекови за кои во земјите членки мора да се осигура дека во секој миг ги има. Проблем имаше и минатата зима, кога недостасуваа антибиотици и лекови за деца, и во форма на апчиња и во форма на инфузија, поради тоа што дел од активните супстанци за нивна изработка доаѓаат од Кина и Индија.

Во ЕУ наскоро ќе биде составена листа на критични лекови за кои никогаш нема да смее да ги нема. Оваа листа е најавено дека ќе биде готова до крајот на 2023 година. Меѓу мерките што ги планира Европската Унија се зголемување на производствените капацитети, зајакнување на врските со земјите надвор од ЕУ каде ги има активните супстанци за нивна изработка, соработка меѓу земјите членки на ЕУ кои ќе можат една со друга да си ги „позајмуваат“ лековите и навремена набавка.

Европската агенција за лекови идентификуваше клучни антибиотици, вклучително и педијатриски формулации за кои предвидуваат дека има ризик да ги нема во доволни количини зимава, па спроведени беа мерки за да бидат достапни.

Но, овие мерки не беа доволни, па Европската комисија воведува нови мерки. Првата е да се оформи Европски волунтаристички солидарен механизам за лекови кој што ќе им алармира на земјите членки од ЕУ ако одреден лек што го има во некоја земја членка, им е потребен на пациенти во друга земја. Целта е на ваков начин успешно да се редистрибуираат лековите на правото место во право време.

До крајот на 2023 година ќе биде изработена листа на критични лекови во Европската Унија која ќе биде првиот чекор за да се анализира синџирот на достава. Ќе се воведат и регулаторни флексибилности. Земјите членки може да користат регулаторни исклучоци за да дозволат лековите да дојдат до пациентот навремено.

Таква мерка е на пример, да им го продолжат рокот на важност на лековите што се во дефицит а се клучни. Ако не може да се продолжи рокот, тогаш земјите ќе можат полесно да даваат одобренија на заменски лекови. Во 2024 година ќе има заедничка акција на ниво на ЕУ за да се промовира ефективна употреба на овие мерки на флексибилност. До почетокот на 2024 година, ќе има и европски насоки за набавка на лекови за да се зајакне сигурноста на залихите. Земјите членки, ЕМА и Европската Комисија веќе почнаа фармацевтска реформа, за да се спречи и ублажи ризикот од недостиг на критични лекови.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот