НАкС: Одложување на дискусијата на предлог Законот за системот на плати во јавниот сектор, недвосмислено е регулирање на законот без социјален дијалог

Независниот академски синдикат – НАкС бара од Владата да се одложи датумот за дискусија на предлог Законот за системот на плати во јавниот сектор, а виртуелната дебата да се претвори во јавна дебата во која ќе ги повика синдикатите проактивно да учествуваат во процесот. Од НАкС побараа и вклученост на експерти кои јавно ќе се изнесат по предлогот, бидејќи, како што велат, постојат правни сомнежи за неуставни одредби.

-НАкС ја препознава потребата од донесување системски и кохерентен закон со кој би се дефинирала методологијата и постапката за формирање на платите на сите вработени во јавниот сектор. Со сеопфатно, интерсекторско регулирање на оваа материја, конечно, би се уредил хаосот кој со децении владее во оваа сфера – би се обезбедила правичност и сигурност на социоекономската положба на вработените, а истовремено, позитивно би се влијаело врз квалитетот на извршувањето на дејностите од јавниот сектор. Но, наместо до едно вакво законско решениe да се дојде низ суштински и исцрпен дијалог со сите засегнати страни, Владата, во стариот, добар манир, во „глуво доба“ и „низ мала врата“ се обидува да протне законско решение коешто би требало да претставува „рамка“ врз основа на која дополнително би се уредила оваа исклучително сложена материја, велат од Синдикатот.

Според нив, недвосмислено е дека во предлог Законот е предвидена максимална надлежност на државните органи во регулирањето на оваа материја без социјален дијалог и активно учество на Економско социјалниот совет и синдикатите како претставници на работниците.

-Со ова се крши Конвенцијата за работни односи, како и другите меѓународни документи и принципи за активен социјален дијалог и право на колективно договарање на вработените во јавниот сектор. На тој начин, не само што целосно се суспендира синдикалното преговарање, туку суштински се уназадува демократијата во нашето општество, додаваат од НАкС.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот