Набавката на вакцини од Кина под лупа на антикорупционерите

По објавата на италијанскиот весник „Ла верита“ дека Македонија сакала преку фантомска фирма да нарача вакцини од Кина, поради што и кинеските власти им го вратиле авансот на македонските колеги, весникот вчера излезе со писма, кои министерот за здравство Венко Филипче ги испратил до Кина, а во кои ја ослободува Кина од каква било одговорност доколку дојде до несакани ефекти и проблеми поврзани со вакцините.

Информациите за незаконски игри ги демантираше премиерот Зоран Заев, кој нагласи дека Владата гледала на секој можен начин да обезбеди вакцини, но по легален пат. Со сличен став вчера излезе и министерот Филипче.

– Не станува збор, апсолутно, за ништо незаконски, за ништо нерегуларно, не станува збор за некакви провизии или што било за што овие денови ме обвинува опозицијата – рече Филипче.

Тој изнесе и детали во јавноста, во однос на тоа како се обиделе да ги набават кинеските вакцини.

– По иницијалните обиди да направиме директен контакт со фабриката, бидејќи не успеавме, побаравме помош и од некои компании, кои можеа да не спојат. Во меѓувреме, беше потпишан договорот, но од кинеското МНР ни укажаа дека тоа не е патот по кој треба да одиме. Затоа најдовме еден алтернативен начин за да ја забрзаме постапката – нагласи министерот за здравство.

Во делот на одговорностите за вакцините, како што посочи, тоа е обврска на Министерството за здравство, кое ги презема за сите вакцини.

– Затоа, дозволете да ги осудам сите обиди да се фрли дамка. Сметам дека со ова се обидува опозицијата да го компромитира процесот на имунизацијата. Со ова некои сакаат да имаат политички бенефит, а цената да биде здравјето на нашите граѓани – рече Филипче.

Сите обвинувања за незаконски постапки во набавката на кинеските вакцини од „Синофарм“ се најдоа и во фокусот на антикорупционерите. Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на вчерашниот колегиум одлучила да пристапи кон собирање доволно информации во врска со наводите што се појавија во медиумите.

– Во зависност од прибраните податоци ќе одлучиме дали постојат доволно елементи за отворање предмет во надлежност на ДКСК – изјави за МИА претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот