МЗТ сака да го организира завршниот турнир во АБА2 лигата

МЗТ Скопје Аеродром е во сериозна трка да се врати во првата АБА лига/Фото: kfsm.mk

Големите амбиции за враќање во елитната јадранска конкуренција, управата на МЗТ Скопје Аеродром ја потврдува и со испраќањето официјална пријава за организација на завршниот турнир од АБА2.

Станува збор за добивање можност да се биде домаќин на најдобрите осум екипи од ова натпреварување, што и тоа како би било добро за кошаркарите на МЗТ, кои на патот кон АБА-елитата би ја имале поддршката од трибините.

Според информациите кои ги има клубот, предводниците на регионалното натпреварување сè уште ги прибираат понудите за овој настан, за кој, неофицијално, интерес досега пројавиле и два босански града, Сараево и Бања Лука.

– Фајналејт-турнирот од АБА2 начелно е планиран за месец април, кога екипите, засега според неофицијални информации, би играле според класичен куп-систем односно само по еден натпревар, наместо по два како што беше лани, по кои решаваше вкупниот кош-количник. Ваквиот принцип значи дека домашниот терен ќе биде уште поголема предност, па се надеваме дека раководството на АБА ќе ја земе в предвид богатата традиција на нашиот клуб, како и фактот што сме еден од основачите на сегашното натпреварување и ќе ни направи чест да бидеме домаќини на најдобрите екипи – информира КК МЗТ Скопје Аеродром.

Македонскиот шампион моментно е второпласиран на табелата во АБА2 лигата со скор 6-1, во пресрет на последните два турнири, кои ќе се одржат во Бања Лука и во Широки, каде што секоја екипа ќе одигра по три натпревари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот