МВРО во неговото најлошо издание

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Една деценија МВРО ни беше премногу. Ни еден ден МВРО повеќе!

Ова се размислувања од прва, искрено, загрижено и луто. Навистина луто. Министерството за внатрешни работи е воз без кочници. Скандал врз скандал го тресе ова клучно министерство во време кога на граѓанките и граѓаните им е најпотребна функционална полиција, која работи за нив, а не за тесни партиски кругови, кога треба да спроведува ред и мир, да се бори против криминалот и да ја одржува безбедноста и сигурноста на земјата.

Доволно е да се набројат само неколку од познатите скандали што ги предизвика техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, за човек да види дека ѓаволот ја однел шегата, иако настаните изобилуваат со комичност. Доволно е да се знае дека, уште од првиот ден, Наќе работи единствено под директивите на својот партиски шеф, Христијан Мицкоски. Можеби на луѓето тоа не им значи многу, бидејќи се навикнати – преживеале режим 11 години, па ќе издржат уште некој месец. Но, не е така. Кога МВР зависи од волјата на една партиска клика, а не од законот, безбедносното здравје на државата е сериозно нарушено.

По најновите откритија на скандалозни ситуации и состојби, за кои заменичката министерка Славјанка Петровска јавно посведочи на ТВ 24, за притисоците што ги вршел Христијан Мицкоски директно врз внатрешната контрола на МВР, за да се забошоти случајот „Теретана“, не останува ништо друго освен, по итна постапка, да се побара одговорност и од Мицкоски и од Чулев. Можеме само да жалиме, ако не и да се чудиме, како воопшто функционирала и сѐ уште функционира полицијата. Како совесните професионалци во полицијата успеваат да им служат на граѓанките и граѓаните, кога министерството е под такви притисоци?

Просто чудо е како новите политики и реформи, но и работата на совесните професионалци како заменичката Петровска, директорот на БЈБ, Сашо Тасевски и многумина други, успеале за кратко време да го оддалечат МВР (барем малку и ни оддалеку доволно) од тоа во што своевремено го претворија Груевски, Јанкулоска и Мијалков – МВРО. Можеби реформите во МВР беа бавни за некого, па дури и со сомнителен успех и квалитет, но откако Наќе се фати за кваката од својот кабинет, сите видоа (или се потсетија) што значи МВР, а што МВРО.

И не може да биде утеха светлиот пример на професионалците во службата, знајни и незнајни, признаени и непризнаени, сите заедно недоволно платени и почитувани. Тоа може да биде само причина повеќе за загриженост. Особено затоа што дуетот Мицкоски и Наќе вредно работат да го вратат режимот, на сметка на државните ресурси и јавните пари, а врз грбот на демократијата и владеењето на правото.

ВМРО-ДПМНЕ, сега преку намесникот и послушникот, повторно го зароби МВР. Од јануари наваму, го гледаме МВР-О во неговото најлошо издание, силен „отсјај“ од времето на режимот.

Со зелено светло од ЕУ, но тешки преговори пред нас, со статус на рамноправна членка на НАТО, но коренити безбедносни реформи во блиска перспектива, со коронавирусот што го промени светот и животот од корен, со тоа што со месеци немаме парламент, со датум за избори што виси на конец поради блокадата од ВМРО-ДПМНЕ (Мицкоски и Груевски), со економска криза на прагот… Ова се повеќе од доволни причини секој, и најнаивниот и најманипулираниот човек, ако има макар трошка свест, да биде многу загрижен за блиската иднина, својата и на државата во која живее. Но, со Наќе на чело на МВРО… Е, тоа е веќе почеток на хорор приказна.

Со максимална злоупотреба на Пржинскиот договор (техничка влада), МВРО со бескрајна леснотија се врати во системот. Отсекогаш, определбата за водење политички дијалог и за постигнување консензус околу стратешките национални интереси, МВРО ги толкува како попустливост и слабост. Помирувањето – како можност да се надминат поделбите и да се врати мирот во општеството, да се тргне напред – МВРО ги разбира како можност за бегство од правдата, продолжено корумпирање на системот и враќање на деструкцијата на политичката сцена.

По сите скандалозни постапки на Наќе за помалку од пет месеци министерување, со сето сликање и парадирање наоколу, непрекинатата партиска кампања и злоупотреби, нескриените националистички пораки, малтретирањето на волонтерите кои пакуваа хуманитарна помош, експресната смена на раководни кадри во полицијата веднаш по седнување во техничката фотелја, притисоците врз медиумите… Нема што многу да се каже и нема потреба од стилски финеси и досетки. Доволно е само да се наброи.

Непотребно да се пречкрта: Една деценија МВРО ни беше премногу. Ни еден ден МВРО повеќе!

Јасно е како отсјај! Невозможно е да се направи компромис или консензус околу националните интереси, демократијата, слободата и владеењето на правото, ако некој во својата основа е непријател на сите тие вредности.

Да водите дијалог и да се договарате со националисти, криминалци и насилници на темите европска иднина, слобода и правда е како реката да ја терате да тече нагоре, како да поставите шатор на жив песок, како да плукате нагоре, а сакате да останете суви. Или, како да правите кајгана со маслото „Оливери“ кое во земјава го имаше само во рекламите на ТВ Алфа.

Не сум политичар, ниту сум експерт по безбедност, но „толку малку“ можам да разберам: ова вака не оди. Не гледам друго решение освен оставка и сериозна истрага за сите што го загрозиле и го загрозуваат системот, безбедноста и владеењето на правото во овој тежок период. Се разбира, оваа „ситница“ (а не е) околу опсесијата на Мицкоски со сопственото тело (и со теретаните) е само една од многуте причини за овие експресии, за овој (личен) став и вредносни судови, испишани во еден здив, веднаш по јавното сведочење на заменичката Петровска и брзото прегледување на медиумските содржини поврзани со „отсјајот“ на работата на Наќе во МВРО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот