МВР пријави 47 повредени полицајци и 11 уапсени демонстранти на вечерашниот протест

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

47 повредени полицајци и 11 приведени демонстранти е вечерашниот биланс од протестот против францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија, организиран од опозицијата, кој се одржа пред Владата, МНР и Собранието.

Од МВР велат дека 47 полицајци се повредени, од кои „11 потешко, а двајца се со сериозни повреди“. Штети има на објектите на Владата, Собранието и Министерството за надворешни работи.

Во специјалната болница за хируршки болести „Св. Наум Охридски” примени биле тројца полесно повредени полицајци, но, како што изјави за МИА директорката на болницата Нермин Шаќири, бидејќи не работат рендген-апаратите, тие се препратени во Клиничкиот центар на снимање, каде е констатирано дека немале поголеми повреди.

Протестот, четврти по ред, почна пред зградата на Владата, од каде што демонстрантите маршираа до Министерството за надворешни работи. Таму исто така фрлаа со јајца и други предмети и запалија факели, по што продолжија до Собранието.

Пред Собранието, ситуацијата ескалираше за време на говорот на актерката Весна Петрушевска, кога група демонстрантија урнаа заштитната ограда и се најдоа очи во очи со кордонот полицајци, а цело време фрлаа шишиња, камења, јајца, петарди и факели кон полицијата и кон собраниската зграда, на која се искршени десетина прозорци.

По околу половина час, полицијата ја потисна толпата кон булеварот и кон паркот „Жена-борец“ и апсеше демонстранти, по што следуваа уште 40-тина минути препукување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот