На градскиот плоштад во Кичево денеска се одржа протест на музичари Роми од овој град, кои бараат да се вратат свадбите за да можат да заработуваат за живот.
-Нашата егзистенција ја обезбедувавме единствено преку музиката со свирење на свадби и друг вид веселби. Изминатите 12 месеци останавме без основните приходи и веќе сме на работ на егзистенцијата. Ако не се променат работите и повторно не почнат да се организираат свадби, ќе доживееме целосен финансиски колапс. Нашиот глас треба да го слушне Владата, за да подаде рака и да разбере дека и ние сме луѓе што имаме право на живот, истакна Идавер Реџепоски.
Покрај музичарите Роми, на протестот беа и поголем број пејачи од другите етнички заедници, како и цели музички групи, кои ги поддржаа музичарите зашто, велат, тие се дел од загрозената категорија граѓани кои не можат да заработуваат како во нормални околности.