МТСП: Партнерите на проектот за Коридорите 8 и 10д согласно Закон треба да користат најмалку 51 отсто од локалните ресурси

Ангажманот за работна сила на проектот за изградба на Коридорите 8 и 10д ќе се реализира согласно постоечкиот закон, односно, Законот за утврдување јавен интерес, со кој се регулира ангажманот на работници и стратешкиот партнер да користи најмалку 51 процент од локални ресурси, информира Министерството за труд и социјална политика.

Ова значи, дека ако нашата земја има доволно локални ресурси, односно работна сила, бројот на локално ангажираните ресурси може да биде и поголем од 51 отсто, појаснуваат од МТСП.

Потенцираат дека на работниците кои ќе бидат ангажирани на проектот ќе им биде исплатен секој прекувремен час, како и дека секој работник ќе потпише изјава дали сака да работи прекувремено, и доколку не сака нема да биде принуден со сила да работи прекувремено. Согласно законот, работниците ќе имаат и слободен ден.

Прекувремената работа не значи 60 часа неделно, но и не значи дека во текот на целата година ќе има прекувремена работа, тоа ќе зависи од временските услови за работа на терен, односно поинтензивно ќе се работи во месеците на пролет, лето и средина на есен, но не 60 часа неделно. Истовремено, прекувремената работа ќе зависи и од активностите и процесите на работа на трасите, што значи, дека ќе има и денови кога воопшто нема ниту да има потреба од прекувремена работа, се вели во соопшението.

Проектот за изградба на Коридорите 8 и 10д има за цел да вработи што е можно повеќе работници од Северна Македонија, кои ќе имаат можност и за обука од страна на изведувачот, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Ова значи и обезбедување на нови работни места за нашите граѓани бидејќи трасите каде што ќе се градат делниците отвораат дополнителни можност за изградба на нови објекти од различни дејности, како што се бензиски пумпи, ресторани, хотели, одморалишта, деловни објекти. Тоа се нови можности за отворање на нови работни места, за вработување на жителите од регионите каде што ќе поминуваат автопатските делници од коридорите. Од друга страна тоа се нови даночници и нови приливи во државната буџетска каса, додаваат од Министерството.

Според нив, овој проект има многу придобивки, бидејќи поврзувањето на земјата со регионот и Европа обезбедува рамномерен регионален развој, раздвижување на економијата на земјата, подобрување на бизнис климата, пораст на странски инвестиции, побрз трансфер на луѓе и стоки, отворање нови пазари и подобро поврзување со меѓународните и трговски партнери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот