Модниот дизајнер Александар Венг обвинет за сексуално вознемирување
Американскиот моден креатор Александар Венг неодамна беше обвинет за сексуално вознемирување на неколку мажи и трансродови модели, а сега се појави уште една жртва.
37-годишниот дизајнер се соочува со проблеми откако на два профили на социјалната мрежа „Инстаграм“ почнаа да кружат приказни на модели во кои се тврди дека Александар сексуално ги вознемирувал и напаѓал во минатото. Имено, Венг ги дрогирал, злоставувал и силувал.
Во една од првите објави беше на моделот Овен Муни кој тврдеше дека инцидентот наводно се случил во 2017 година кога се сретнал со Александар во преполн ноќен клуб во Њујорк и дизајнерот почнал да го допира во пределот на гениталиите.
Сега, 21-годишниот Китон Булен, студент на њујоршката школа за дизајн „Парсонс“ за „BBC News“ тврди дека бил нападнат од Венг во еден клуб во 2019 година.
Странските медиуми пишуваат дека добро познатата адвокатка Лиса Блум веќе застапува 11 клиенти кои го обвинуваат Венг за неговото несоодветно однесување.
„Бев со еден пријател, и во еден момент Александар нè покани на неговата маса. Ни понуди за пиење и нè однесе на подиумот. Во раните утрински часови почна да ме напаѓа сексуално. Одеднаш ми ги откопла панталоните и почна да ме допира пред толпата луѓе. Се укочив. Ми кажа дека сака да ме однесе дома со него. Се чувствував ужасно, побегнав најбрзо што можев“, изјавил Китон, кој вели дека не го пријавил Венг затоа што се плашел од јавна осуда, но кога приказната „испливала“ во јавноста, сфатил дека мора да ги поддржи жртвите кои тврдат дека доживеале слично искуство.
Неодамна и самиот Александар Венг се огласи за обвинувањата.
„Пред сè, сакам да им се обратам на луѓето кои ми помогнаа да го изградам овој бренд во она што е денес и да кажам нешто за лажните, измислени и претежно анонимни обвинувања против мене“, започна тој.
View this post on Instagram
„Иако отсекогаш сум бил активен во општествениот живот и одев на собири, забави и концерти каде имаше алкохол и дрога, никогаш не сум искористувал некој во сексуална смисла и не сум ги присилувал на што било. Никогаш не го користев статусот и славата за тоа“, додаде дизајнерот.
„Овие неосновани обвинувања започнаа на социјалните мрежи, а беа иницирани од профили кои упорно не ја почитуваат важноста и верификацијата на информациите. Мојот приорите е да докажам дека овие обвинувања се лажни и дека имаат опортунистички мотиви. Важно е да се крене глас, но исто така е важно обвинувањата да бидат точни“, вели Венг.
„Нашиот тим прави сè за да ги испита овие обвинувања и ветуваме дека ќе останеме искрени и транспарентни во текот на целиот процес. Среќни сме што добиваме поддршка од сите страни, сакаме да им се заблагодариме на нашите вработени, клиенти и колеги кои стојат покрај нас“, рече дизајнерот.