МНР ги „проголта“ без реакција „тројанските“ навреди од Димитров

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Копретседавачот на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања Ангел Димитров, кој со колумна порача дека Македонија во ЕУ ќе биде „Тројански коњ на Русија“, предизвика бурни реакции во домашната јавност.

Нема реакција од македонското МНР до бугарското МНР за скандалозната провокација од копретседавачот на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања Ангел Димитров, кој со колумна порача дека Македонија во ЕУ ќе биде „Тројански коњ на Русија“, што предизвика бурни реакции во домашната јавност. И претходно Димитров даваше провоцирачки изјави на кои досега ниту еднаш немаше одговор или укажување од официјално Скопје до Софија, освен неодамнешното изјаснување на шефот на дипломатијата Бујар Османи пред македонската јавност дека никогаш не реагираат и нема да се мешаат за коментари на историската комисија за историските прашања. Тогаш тој рече дека основниот принцип е политичарите да не коментираат историски прашања, а историчарите да не коментираат за политички прашања, туку само за нивните погледи кон историјата.

Османи вчера најави дека следната тура политички разговори со Бугарија ќе се случат на 23 и 24 март во Скопје каде што ќе допатува неговата колешка Теодора Генчовска. Тој нагласи дека со Софија сè уште имаат различни ставови за одредени точки за кои се разговара и дека главните три прашања што ги разгледуваат се во која форма да се надминат несогласувањата, кога и на кој начин.

– Сè уште сме со различни позиции, но фактот што се сретнуваме толку често е предуслов да се успее. Ние сме унисони и функционираме во рамките на нашата Резолуција во Собранието. Се разбира и во Бугарија ги имаат своите ставови, но гледам волја кај двете страни да се најде решение. Веројатно ќе има понатаму и средба на највисоко политичко ниво. Тоа што го имаме сега е дека разговараме отворено, секој претставувајќи ги своите позиции. Не можам да навлезам во детали во оваа фаза – рече вчера Османи на редовниот понеделнички брифинг со новинарите.

Министерот информираше дека на Дипломатскиот форум во Анталија имал средба со бугарскиот премиер Кирил Петков, со кого разговарале за случувањата во Украина, како и за отворените прашања меѓу Скопје и Софија.

– Констатиравме дека навистина треба да се донесат одлучни одлуки во овој период поради тоа што очигледно прашањето на европското проширување станува сериозно безбедносно прашање за регионот и за ЕУ и секоја земја членка има одговорност кон безбедноста на регионот, но и кон безбедноста на целиот континент. Значи, веќе не е прашање само на кредибилитетот на ЕУ, туку проширувањето на ЕУ сега се однесува, пред сè, на европска безбедност – рече Османи.

За посетата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел, Османи рече дека е исклучително важна и дека е подигнато вниманието на светската јавност дека регионот е ранливо подрачје каде што мора да се дадат јасни и прецизни пораки.

– Фактот што РС Македонија постигна стопроцентно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и тој дојде лично да ја поздрави таа решителност и сега станавме едно симболично трио на 100 отсто кандидати, бидејќи сега Албанија, Црна Гора и Северна Македонија се трите држави во регионот што имаат стопроцентно усогласување на надворешната политика со таа на ЕУ и некако тоа го регрупира и регионот по однос на перспективата за ЕУ – вели Османи.

На прашање дали ситуацијата во Украина ќе ни помогне или одмогне во јуни да ги почнеме преговорите, Османи рече дека ние географски сме на портите на Унијата, а чуварите на портите треба да бидат најбезбедни за да го чуваат домот од малигни влијанија, нелегална миграција, тероризам…

Грковска: Се разговара во позитивна атмосфера

Вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска оцени дека соработката со колегите од Бугарија во билатералната работна група за евроинтеграција и зелени политики е одлична и се одвива во позитивна атмосфера, при што во разговорите се чувствува поинаква енергија отколку претходно. И целокупната соработка меѓу Македонија и Бугарија ја оцени како позитивна.

– Сигналите од двете страни се позитивни и има расположение да се најде начин како да се одблокира процесот. Имајќи ја предвид политичката ситуација и војната во Украина, се надевам дека ќе се зголеми внимателноста за чекорите што политичките лидери ги преземаат – рече Грковска во гостувањето во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

Гир: Усогласете се за државните интереси

Шефот на Делегацијата на ЕУ Дејвид Гир е загрижен од растечката политичка поларизација особено во Собранието и им порачува на политичките групи да се усогласат за државните интереси.

– Тоа значи дека ќе има помалку употреба на европското знаме за да се скрати дебатата во Собранието, но и дека законските решенија нема да бидат блокирани само зашто може да бидат блокирани – рече евроамбасадорот Гир во интервју за „360 степени“.

Тој е охрабрен од новата динамика во односите со Бугарија, но „не сака да влезе во игра на датуми“ за тоа кога би се случила деблокада на пристапниот процес кон ЕУ.

Според Гир, настаните во Украина уште еднаш покажале што значи европската перспектива, која е најдобра надеж за побезбедна, постабилна и попросперитетна иднина.

– Секако, има чувство на итност за тоа, зашто гледаме драматични настани во Украина. Но, таа итност не мислам дека ја менува основната методологија поврзана со пристапниот процес, а тоа е реформата. Темпото на самите реформи е за подготвување на оваа земја и на другите држави кандидатки за членство во ЕУ. Тоа значи, треба да се осигуриме дека има систем на владеење на правото, систем што спречува корупција, бизниси што имаат можност да се натпреваруваат во единствен пазар од 450 милиони консументи кој е многу натпреварувачки пазар, дека луѓето може да се натпреваруваат на пазарот на трудот со вистински вештини и работни позиции – порача Гир.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот