Многу кредити и субвенции за придонеси на тие што ќе дадат поголеми плати нуди новиот антикризен пакет

Градежни работници лето
Илустративна фотографија на градежни работници / Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Фирмите ќе се поддржуваат со 492 милиони евра, но 250 милиони евра се за разни форми на кредити. Има мерки за раст на плати и за поевтино сирење и млеко. Професорот Орце Симов вели дека антикризните мерки се привремени, а за раст на стопанството треба да се создадат услови

За приватниот сектор се наменети 492 милиони евра, покажува презентацијата на новиот пакет на антикризни мерки. Притоа, безмалку 250 милиони евра се во разни форми на кредити, а останатите се поддршка за намалувањето на цени на млеко и млечни производи и субвенционирање на придонеси за зголемување плати од 3.000 до 9.000 денари.
Овој пакет е на располагање, но прашање е колку ќе има интерес и од фирмите да земат кредити и од работодавачите за да им го зголемат платите на работниците.

За малите и средните фирми на располагање се 10 милиони евра во поволни заеми за инвестиции во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, уште 39 милиони евра за Грантната шема на Развојна банка, 100 милиони евра за кредити за зелена транзиција, 100 милиони евра за кредити за женско претприемништво, дигитализација и за проекти за заштита на животна средина, создавање работни места.

За мерките за стопанството „Слободен печат“ разговараше со Орце Симов, потпретседател на Сојузот на стопанските комори (ССК) во кој се обединети малите и средните компании на кои главно се однесуваат мерките.

Симов вели дека Управниот одбор на ССК деновиве ќе излезе со став за мерките, но дека неговиот личен став е дека со овие мерки само привремено се решаваат проблемите, додека со системски решенија, какви што ни требаат, се создава клима за раст на компаниите, за раст на бруто-домашниот производ, а со тоа и за природен раст на платите.

– Платите треба да бидат повисоки, но што ќе биде кога нема да се субвенционираат придонесите? Треба да има економија со иновации, со повисока додадена вредност, да има можност за конкурентност, поголем извоз, да се влеваат повеќе пари во економијата, па самото стопанство ќе има повеќе пари и за плати. Ние треба да даваме повисоки плати за да се намали одливот на населението. Но, ако споредиме во последните пет-шест години колку растел БДП, а колку платите, ќе видите дека БДП има многу помал раст – вели Симов.

Тој потенцира дека нам ни требаат развојни мерки, за да на пазарна основа стопанството создава раст и генерира поголем бруто-домашен производ.

– На ваков начин кога нешто му даваме на стопанството за да работи попрофитабилно и му префрламе пари од буџетот, скратувајќи од нешто друго, само привремено сме го решиле проблемот. ЕУ излезе со програма според која во наредните 10 години треба да го удвоиме бруто-домашниот производ, а за да го направиме тоа, стапката на раст треба да ни биде најмалку 7 проценти, а сегашните стапки се околу 2 проценти. Нам не ни треба некој да ни даде риба, туку да ни создаде услови да ја фатиме – вели Симов.

Тој особено е загрижен за кратењето на буџетот и вели дека кога има интервентни мерки, страдаат капиталните инвестиции, кои се токму тие што треба да му обезбедат развој на стопанството.

– Парите се земени од некаде. Веројатно нема да има доволно капитални инвестиции. Нивното ниво не е како што треба. Тоа значи дека не се градат инфраструктурни проекти, не се градат енергетски капацитети, не се градат школи болници, не се реновираат патиштата, односно ако треба да е реновираат на 10-15 години, тоа се прави на 40 години. Токму капиталните инвестиции се одржливите, најдобри мерки за стопанството, затоа што тогаш тоа гради, стекнува „ноу хау“… Ние во Македонија престанавме да работиме на проектите и постојано распишуваме тендери, тоа да ни го прават странци. Еве сега најголемиот енергетски капацитет треба да би го градат Грци. Па нашите баби и дедовци пред 60 години изградиле сè што постои сега – и РЕК Битола, и „Осломеј“ и ТЕЦ „Неготино“, а ние сега ништо не можеме – револтирано заблажува Симов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот