Младите карпошани од денес можат да аплицираат за субвенции за полагање возачки испит

Portrait of a young woman driving,Image: 138463969, License: Royalty-free, Restrictions: , Model Release: yes, Credit line: - / Wavebreak / Profimedia

Ќе се субвенционираат млади што во 2022 година ќе навршат 18 години и ќе се субвенционираат само оние лица што ќе извршат уплата и ќе посетат обука за теоретски и практичен дел за полагање за возачка категорија Б во автошколи што се избрани преку јавен повик. Општина Карпош избра шест автошколи, кои кандидатите можат да ги земат предвид.

Сите млади жители на Општина Карпош, кои оваа година навршуваат 18 години и сакаат да полагаат за возачка дозвола, веќе од денеска ќе можат да аплицираат до Општината за добивање субвенции за таа намена. Според предвиденото, Општината на кандидатите што ги исполнуваат потребните услови, ќе им субвенционира до 50 отсто од потребните финансиски средства за посетување обуки за теоретски и практичен дел за полагање возачка дозвола од категорија Б.

– За првпат годинава ја воведовме оваа новина за поттикнување и помош на младите лица што живеат во Општина Карпош за да полагаат за возачка дозвола. Право на пријавување имаат сите физички лица што живеат на територијата на Општина Карпош, а кои во оваа 2022 година наполниле 18 години – информира градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

За да можат да ги добијат средствата, заинтересираните кандидати треба да исполнуваат одредени услови, кои се објавени во јавниот повик.

– Секое лице што ќе поднесе барање за субвенционирање и полагање стручен дел од возачка дозвола, мора да биде жител на Општина Карпош минимум 3 години до денот на поднесување на барањето. Тоа значи дека со апликацијата, покрај копијата од својата лична карта, мора да достави и копија од лична карта на неговите родители за да знаеме дека неговите родители живееле повеќе од три години на територијата на Општина Карпош. Доколку имаме деца на разведени родители и имаат поднесено апликација, едниот родител треба да живее на територија на Општина Карпош, тие нека си поднесат апликација, а ние преку месните заедници ќе провериме дали тоа полнолетно лице реално живее во Општина Карпош или, пак, можеби живее кај другиот родител кој не е од Карпош, а сака само да ја искористи оваа бенефиција. Во тој случај, тој ќе биде одбиен. Значи и тие деца да поднесат апликации, но подоцна ќе следува проверка од секторот и претседателите на месните заедници – објаснува градоначалникот.

Според Јакимовски, ќе се субвенционираат млади што во 2022 година ќе наполнат 18 години и ќе се субвенционираат само оние лица што ќе извршат уплата и ќе посетат обука за теоретски и практичен дел за полагање за возачка категорија Б во автошколи што се избрани преку јавен повик. Општина Карпош избра шест автошколи што кандидатите можат да ги земат предвид.

– Лицето што ги исполнува условите според Законот за полагање возачки испити т.е. да поседува одобрение, мора да има лекарско уверение. Субвенционирањето ќе изнесува 50 отсто од износот што се наплатува за посетување обука за посета на теоретски и практичен дел за полагање возачка дозвола од Б категорија од Општина Карпош и е утврден како минимална цена за обука во правилникот за минимална цена за оспособување возачи во автошколите за следење обука од теоретскиот и практичниот дел на кандидатите за возачи за категорија Б согласно минималните пресметани елементи за вредност. Значи, не е онаа вообичаена цена, за нас овде има дадено понуда. Мислам дека беше 19.600 и на таа сума ние ќе исплаќаме 50 отсто – објаснува Јакимовски.

Потребна документација што треба да ја обезбедат заинтересираните кандидати е да имаат пополнето барање за издавање потврда за исполнување услови за субвенционирање, кое можат да го подигнат од Архивата на Општина Карпош или од веб-страницата на Општината. Потоа, копија од лична карта како доказ за жителство. Копија од лична карта од двајцата родители како доказ дека живеат минимум три години на територијата на Општина Карпош.

– Потврдата за исполнување на критериумите ја добивате од кај нас по доставувањето на овие формални документи. И потоа треба да ни доставите оригинална фискална сметка за плаќање за обука за теоретски и практичен дел во автошколата и треба да ни доставите и трансакциска сметка на која ние ќе ги префрлиме парите што ви следуваат според нашата одлука – информира градоначалникот на Општина Карпош, Стевче Јакимовски.

Кога станува збор за начинот на поднесување понуди, барањата со комплетната документација треба да се доставуваат до архивата на Општина Карпош. Откако ќе бидат поднесени документите, подносителите во писмена форма ќе бидат известени дали ќе бидат корисници на предвидените средства за субвенционирање млади лица од Општина Карпош за посетување обука за теоретски и практичен дел за полагање возачка дозвола од категорија Б од Општина Карпош.

Рокот на поднесување на документите на јавниот повик ќе трае сè до исцрпување на средствата и ќе важи по принципот „прв дојден, прв услужен“. За оваа намена се издвоени 4 милиони денари од Буџетот на Општина Карпош. Правото на субвенционирање е еднократно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот