Министерството реагира на најавата на Пецаков за враќање на охридските плажи под концесија

Плажа Охрид Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Министерството за транспорт и врски во соопштение до јавноста реагира на денешната изјава на градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, кој најави дека плажите на охридското крајбрежје повторно ќе бидат издадени под концесија.

„Би сакале да ја информираме јавноста дека во овој момент Министерството за транспорт и врски и Владата преку Агенцијата за планирање на просторот го изработуваат Урбанистичкиот план за крајбрежниот појас на Охридското езеро. Се работи на Урбанистички план од државно значење кој се изработува со цел ставање на ред, запирање на узурпирањето на Охридското крајбрежје и негова целосна заштита согласно препораките од УНЕСКО, а во овој момент се собираат податоци од Агенцијата за катастар на недвижности. Во овој план целосно ќе бидат вклопени препораките на УНЕСКО, со што ќе се заштити крајбрежјето на Охридското езеро“, велат од Министерството.

Оттаму додаваат дека градоначалникот на Охрид е информиран за сите овие постапки од страна на координаторот на Државната комисија за заштита на охридското крајбрежје.

„Уште еднаш би сакале да потенцираме дека Министерството за транспорт и врски и Владата ќе продолжат да ги водат постапките во насока на заштита на природното наследство на Охрид и Охридскиот регион како заштитено подрачје и нема да дозволиме преку ноќ да се уништат придобивките кои се градени минатите години, a со кои успеавме да го симнеме Охрид и охридското крајбрежје од листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО. Апелираме новата локална самоуправа во општина Охрид да ги почитува започнатите постапки и планот за управување кој веќе е на сила и заеднички да работиме на стратешкиот план за рехабилитација на регионот, се со цел да се заштити и природното и културно наследство“, се вели во соопштението од МТВ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот