Министерот за економија има сомнежи за договорите со стратешките инвеститори

Фото: Влада на РСМ

Најспорно за Бектеши е што еден стратешки инвеститор ќе добие неколку видови на државна помош, а тоа не е предвидено во новите законски решенија за енергетика и обновливи извори на енергија

Потребна е промена на некои делови од договорите со трите стратешки инвеститори кои во моментов се поставена на „брзата лента“ пред пратениците, посочи министерот за економија Крешник Бектеши, одговарајќи на прашања на прес-конференција во Владата.

-Јас лично и мојот тим, сметаме дека треба да има промени во некои делови, или пак таму одново да се репреговара со заинтересираните страни. Не би сакал да откривам за која инвестиција се работи, но еден од договорите со стратешките инвеститори делува „многу сомнително“ и таму воопшто не беше вклучен тимот од нашиот ресор. За двајца од инвеститорите имаме мислења од меѓународни експертки институции и таму делува дека се е во ред, но кај третиот, ние воопшто не бевме вклучени и мислам дека таму треба да има повторно нови преговори. Ако е потребно, ние сме подготвени да поднесеме барање да се вратат преговорите во формална владина процедура – нагласи Бектеши.

Министерот не сакаше да открие кој е тој инвеститор, но напомена дека предвид ги зел и мислењата на Државното правобранителство, Комисијата за заштита на конкуренцијата, неколку релевантни министерства, ЕСМ и МЕПСО. Најспорно за Бектеши е што еден стратешки инвеститор ќе добие неколку видови на државна помош, а тоа не е предвидено во новите законски решенија за енергетика и обновливи извори на енергија.

-Никаде во светот не постои пракса, еден инвеститор кој добил државна помош во смисла на гарантиран откуп на електрична енергија, да добие и директна државна (финансиска) помош. Некој да добие два или три вида помош е спорно, затоа мислам дека многу внимателно треба да се гледаат предлозите – искоментира Бектеши.

Според она на што алудираше министерот, може да се наслути дека неговите сомнежи водат кон „Митилинеос“, кој ќе гради гасна централа, а ќе добие загарантиран откуп на електричната и топлинска енергија, како и 50 милиони евра помош од државата.

За потсетување, претходно Собранието изгласа потреба по брза постапка да се озаконат специјалните договори со „Митилинеос“, „АИМ Греен Тецх“ и „Акуо енерџи“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот