Милошоски: Двоглавото претставување во Минхен ќе биде за потсмев

Пендаровски, Џафери, Пич Фото: Фејсбук Милошоски

Според дипломатските правила, една држава на меѓународна конференција не може истовремено да ја претставуваат претседателот на државата и премиерот, бидејќи и двајцата го имаат највисокиот ранг – шеф на држава и шеф на влада, реагира Антонијо Милошоски пратеник и ексминистер за надворешни работи.

-Деновиве вниманието го привлече безбедносната конференција во Минхен. Главни теми Руската агресија против Украина и ситуацијата на Блискиот Исток. Сериозни теми, сериозен протокол со присуство на делегации од многу држави. Но, само една делегација личи на расштиман оркестар – за жал, тоа е македонската делегација – вели Милошоски.

Тој додава дека како шеф на делегацијата оди или претседателот, или премиерот, но никако двајцата заедно.

-Во случајот со Македонија, на конференцијата во Минхен, присутен е и претседателот Пендаровски, а истовремено таму е и техничкиот премиер Талат Џафери. Двајцата имаат по неколку соработници во нивна придружба. Згора на тоа, со група свои соработници таму е и министерот за надворешни Османи, оној кој би требало да му укаже на премиерот дека двоглави делегации на една иста конференција не праќаат ниту државите кои служат за потсмев на меѓународата сцена. Оваа дипломатска грешка го открива непознавањето на протоколот од страна на техничкиот премиер, но истовремено е и недомаќинското триплирање на буџетските трошоци. Плус, лошо е за власта ако никој од тројцата не сфатил сериозно дека ваквото дупло присуство не е дозволено и од безбедносна гледна точка – смета Милошоски.

Според него, двоглавото претставување ќе биде за потсмев кај другите делегации кои лесно ќе забележат дека во Македонија не постои координација меѓу трите кабинети (Претседател, Премиер, МНР) кои се задолжени за надворешната политика.

-Замислете колку бил зачуден британецот Сер Стјуарт Пич, специјен пратеник за Западниот Балкан, кого и претседателот Пендаровски и техничкиот премиер Џафери го сретнаа на две одвоени средби, како патувањето до Минхен да им е последното патување во кариерата. Или можеби Сер Стјуарт Пич веќе знае дека во Македонија кавгата за казината на ДУИ со “европско знаменце” е побитна од координацијата меѓу претседателот, премиерот и министерот за надворешни за нормално меѓународно претставување на државата – косттира пратеникот.

На конференцијата во Минхен од Турција и Полска се само министрите за надворешни работи, од Србија е претседателот, од Косово, Хрватска и од Албанија таму се премиерите, од Финска претседателот, од Грција премиерот, а од Македонија: претседателот, премиерот и министерот за надворешни работи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот