Милевски: Немам замерки за фудбалерите, Грузија е ниво над нас на физички план

Селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски/Фото: ФФМ

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски нема што да им замери на неговите фудбалери по поразот од Грузија од 0:3 бидејќи до првиот гол, „црвено-жолтите“ беа подобар тим.

– Прво честитки за победата на Грузија, тие одиграа добар натпревар, но кога ќе загубиш на ваков начин на ваков натпревар сега во моментов што би посочил како причина освен три лоши наши реакции. Да бидеш на подобро ниво со еден ваков противник да контролираш игра до првиот гол, и после вториот гол паднавме и физички, и мислам дека на тој физички план Грузија е едно ниво над нас. Мислам дека немам ништо да замерам на момците освен за она што во моментот го дадоа, а тоа е што го видовме на терен и тоа е нашиот максимум. Жал ми е што кога доминиравме во тие 50 минути не постигнавме гол, два или повеќе. Одиме понатаму, следниот натпревар кој ни следува е в недела и ќе пробаме да се консолидираме – изјави Милевски на прес-конференцијата по натпреварот и најави промени во тимот за натпреварот со Гибралтар.

– За секој натпревар се подготвуваме различно. Што се однесува до играчите кои ќе настапат в недела, ќе мора да ротираме. Ростерот е тој што е, и затоа кажувам секоја чест на момците. Ни недостасуваше тој завршен пас. Жал ми е што одредени играчи морав да ги заменам поради повреда. Се надевам дека не е ништо сериозно, и од утре ќе видиме кој е подготвен за неделниот натпревар.

Со поразот, Македонија драстично ги намали шансите за освојување на првото место во групата кое нуди можност преку бараж натпревари да се дојде до Европското првенство што ќе се игра за две години. Но, селекторот потенцира дека главна цел се квалификациите за Евро 2024.

– Од почетокот кажувам дека нашата главна цел се квалификациите за пласман на ЕП 2024 година. Сето ова е во функција на тоа. И овие одиграни три натпревари, како што видовте мораме да имаме увид на потенцијалот со кој располагаме за квалификациите. Овие четири натпревари па и следните два во септември се слика за тоа. До крај има уште три натпревари, видовте и резултатот на Гибралтар, нема лесен и тежок противник. Ако не пристапите максимално сериозно на секој натпревар, не може да очекувате успех – рече селекторот Милевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот