Миленичката на Назарбаев од Казахстан изнела 300 милиони долари: Си купила вила, авион и банка

Поранешниот казахстански претседател Нурсултан Назарбаев со својата најмлада ќерка Алија Назарбаева, Фото: Profimedia

Алија Назарбаева, најмладата ќерка на поранешниот казахстански претседател Нурсултан Назарбаев кој владееше со децении, своевремено од земјата изнела 300 милиони долари и направила „голем шопинг“ во Лондон.

Миленичката на некогаш моќниот казахстански претседател купила авион вреден 25 милиони долари, куќа од 8.75 милиони фунти во Лондон, па дури и приватна банка.

Назарбаева им дала упатства на двајца професионални финансиски советници да купат раскошни куќи, банка и луксузен авион, откако ги префрлиле парите во сложена мрежа на оф-шор компании што се протега од Лихтенштајн до британските Девствени Острови, пренесува британски Телеграф.

Освен милионските купувања во В.Британија, Алија Назарбаева му наредила на својот тим да купи и имот во Дубаи во вредност од 14 милиони долари, вклучувајќи и вила на елитниот остров Палм Џумеирах.

Деталите од овој милионски шопинг од 2006 година, прв пат се откриени вчера и најверојатно ќе предизвикаат дополнителни потреси во Казахстан, погоден од насилните протести насочени кон тамошната елита која со децении владее со земјата.

Нурсултан Назарбаев беше претседател на Казахстан 28 години, се до 2019 година кога се повлече во сенка, но задржа голем дел од својата моќ. Во драматични околности на 5 јануари, Назарбаев беше сменет од челната позиција во казахстанскиот Совет на безбедност и наводно се подготвувал да ја напушти земјата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот