Мицкоски: Неуспешна лидерска, Ковачевски предложи пет ресори за ВМРО-ДПМНЕ за да поддржиме уставни измени

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Премиерот Димитар Ковачевски ми предложи ВМРО-ДПМНЕ да влез во Влада со пет од 10-те ресори со кои сега раководи СДСМ како услов да ги поддржиме уставните измени, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по лидерската средба во Клубот на Пратениците. Тој повтори дека под бугарски диктат нема да поддржи уставни измени.

„Разговаравме за предлозите што ги даде Ковачевски, од кои би издвоил еден: тој предложи во рамките на парламентот да почне и се отвори дискусија, со двотретинско мнозинство да се изгласа потребата за промена на Уставот, а потоа да биде формирана влада, во која од десетте ресори што ги менаџира СДСМ, пет да ѝ бидат дадени на ВМРО-ДПМНЕ, да бидат завршени уставните измени, да почне процесот на преговори а потоа да бидат затворени поглавјата едно, две, три, во зависност од брзината, а таа влада да оди на парламентарни избори. На ова јас одговорив дека е во ред, ја разбирам понудата и за неа го имам следниот став: ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во Владата со СДСМ, но без учество на ДУИ во таа Влада“, рече Мицкоски.

Тој потоа презентира што одговорил, односно дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвен да учествува во Владата, нодека избори организира техничка Влада, а уставните измени да важат од денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките на ЕУ од парламентите на 27 земји членки.

„Тоа тој го протоколува како кршење на преговачката рамка. Јас потоа му понудив да одиме на предвремени парламентарни избори на есен, формирање на влада со широко национално единство каде нема да биде дел ДУИ и бидејќи ниту една земја членка нема против со македонскиот многувековен идентиет, традиција, култура, обичаи, македонскиот јазик, тогаш јас сум подготвен да разговарам со европски премиери, за да изгласаат потврда гаранција за ова што го збориме, па да видиме дали е тоа навистина така како што велат дека е, а со оглед дека и Бугарија има избрана Влада. И да дојдеме да кажеме дека Европа застанува зад многувековниот идентитет“, рече Мицкоски.

За добрососедството Мицкоски рече дека бара спроведување на одлуките од Стразбур кои се однесуваат на Македонците во Бугарија.

„Јас би сакал да бидам добар сосед со Бугарија и од оние 14 судски случаи во Стразбур, да одбере три Бугарија и тие да ги примени. Еве Бугарија нека бира, не ние. Од овие шест кои се конечни, нека избере три. Тогаш ќе речеме добро е, има позитивен ветер и нашинците во Бугарија ќе се почуствуваат дека некој од нивната матична држава стои позади нив. Тој не го прифати, бидејќи тоа е промена на преговарачка рамка. Но ние бараме пакет, грижа, а не е преговарачка рамка“, додаде Мицкоски.

Мицкоски заклучи дека  лидерската средба ги покажа јасно позициите дека во овој момент нема двотретинско мнозинство во парламентот и дека час поскоро треба да има релаксирање во општеството, а единствен начин е практично час поскоро да одиме на предвремени парламентарни избори за да можат граѓаните да добијат влада каква што заслужуваат, а не влада каква што не ги застапува нивните интереси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот