Миа Костова на тема врсничко насилство: Син ми беше жртва на вербален напад, насилниците тоа го учат од дома

Фото: Скриншот/Инстаграм/Миа Костова

Миа Костова, една од највлијателните Македонки на социјалните медиуми, неретко го користи својот инстаграм-профил како платформа на која зборува за актуелни теми и нешта кои сѐ уште важат за табу во нашето општество. Една од таквите теми е, за жал, и врсничкото насилство во училиштата.

Овој пат Костова го сподели непријатното искуство со кое се соочил нејзиниот син Андрија за време на часовите во училиште.

„Нема ништо пострашно од тоа да не си ги воспитате децата онака како што треба. Јас сум сигурна дека секое дете-насилник е проекција на сопствениот родител.

Иако не премногу често, и јас се соочувам со врсничко насилство во последнава година. Имено, Андрија пред извесно време беше жртва на вербално насилство, коешто беше пријавено кај надлежните. Претпоставувам дека тоа го прават сите родители и треба да го прават. Но, не верувам дека наидува на таков фидбек каков што треба наиде. Во мојот случај, многу сум ѝ благодарна на извонредната класна раководителка на Андрија, но и на директорката, на психологот и на сите оние коишто работат на оваа тема со децата.

Ќе ви ја објаснам ситуацијата  на кратко – дете на иста возраст, дете кое учи со Андрија и дете за кое не можам да тврдам како е воспитано, му се обраќа на Андрија со зборовите: ‘Немаш татко, мајка ти те родила по грешка и морала да те чува’.

Фото: Инстаграм/Миа Костова

Ова и те како наиде на осуда од страна на просветните работници, но немаше што понатаму да се направи и останавме на тоа дека сме договорени дека нема да се повтори. Тоа беше така сѐ до пред три дена, кога наидовме и на физичко насилство, коешто благодарение на воспитувањето на Андрија немало страшна завршница. Кога го прашав Андрија како изреагирал на ударот во стомак, нешто што се случило на часот по спорт, тој ми рече: ‘Многу е понизок од мене и ми беше страв дека силно ќе го повредам’. Андрија се повлекол и ја известил наставничката за случајот.

Сметам дека овие детали се целосно неважни и дека овие работи сме ги доживеале сите ние во училиште. Можеби не во оваа доза, но информации кои може да ги прими 11-годишно дете и да ги пренесе на дете од истата возраст доаѓаат исклучиво од родителите.

Она што сакам да го потенцирам е дека она што го гледате во вашите деца, без разлика на возраста, сте вие. Ако постојано добивате поплаки од училиштето за вашето дете, тогаш вие имате проблем. Тоа е единственото нешто што треба да го знаете. Вие не воспитувате, вие сте тие кои зборувате пред детето погрешни работи, вие сте тие кои апсолутно не знаете како да се однесувате на ниво на вашата возраст за да воспитате дете од седум, осум или дванаесетгодишна возраст“, изјави Костова во видеото.

Фото: Инстаграм/Миа Костова

Инфлуенсерката ги повика сите оние чии деца се соочуваат во врсничко насилство јавно да зборуваат за нивниот проблем.

„Кога веќе одиме со јавно, тогаш јавно да порачаме дека булингот е сељачка работа. Булинг е нешто што доаѓа само од дома. Булинг е нешто што зборува за вашите родители. Булинг е нешто што ви остава траг и од вас нема да биде човек“, потенцираше таа.

За крај, Костова рече дека е многу горда на тоа како го воспитала нејзиниот син.

„Андрија не е дете што премногу учи, не оди на натпревари, но има воспитување на кое сум прегорда. И знам дека тој никогаш никого на училиште не само што не би малтретирал, туку не би ни вратил…“, рече инфлуенсерката.

Целосното видео можете да го изгледате тука.

ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Миа Костова: Јас сум тип на човек што не знае да излаже, дури и кога сум за тоа платена

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот