Меџити, Касами и Гаши со помош на Курти од Косово ќе ја уриваат ДУИ од власт?

фото-општина-тетово

Не се работи за идеологија и веројатно таа соработка не може да направи идеолошка промена, туку станува збор за чисто прагматично ангажирање за да се собере глас повеќе со што ќе може да им парираат на ДУИ и на Алијанса за Албанците, вели за „Слободен печат“ политичкиот аналитичар Имер Селмани.

Дополнувањето на албанскиот опозициски блок „Европски сојуз за промени“ (ЕСП) со претстaвници од партијата „Самоопределување“ на косовскиот премиер Албин Курти за дел политички аналитичари е фолклор чија заднина е да се добие глас повеќе за да им парираат на ДУИ и на Алијанса за Албанците, додека за други е позитивен исчекор, бидејќи првпат има транспарентна, а не заткулисна соработка помеѓу партии од Македонија и од Косово.

Откако Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши обелоденија дека на нивните пратенички листи ќе имаат „засилување“, не стивнуваат реакциите не само во земјава – дека странски партии не можат да учествуваат на избори – туку и во Косово, каде вклучувањето на „Самоопределување“ во Македонија се толкува како директен напад на Курти врз лидерите на ДУИ и на АА, Али Ахмети и Арбен Таравари.

Имер Селмани / Утрински брифинг

Селмани: Сестринска поддршка

Политичкиот аналитичар Имер Селмани за „Слободен печат“ вели дека и во минатото и во иднина ќе има сестрински поддршки на партии од други држави, како што имало поддршки и порано. Како пример ја наведе соработките на ВМРО-ДПМНЕ со партии од Австрија или со сродни од Европските народни партии (ЕПП), односно со тие на Социјалистичката интернационала. Тој смета дека нема ништо спорно во тоа, дури и се препорачува партии коишто споделуваат слични идеологии да соработуваат меѓу себе и да споделоваат искуства.

– За конкретниот настап на „Самоопределување“ со кандидати и со членство не е спорно ако граѓаните кои ќе се вклучат во кандидатурите се државјани на Северна Македонија, но надвор од овие две чисти позиции се наметнува третата дилема – дали навистина на сојузот на Меџити, Касами и на Гаши им треба уште еден партнер за да бидат помоќни пред електоратот за да успеат да добијат поголема поддршака и поголем број гласови и пратеници. Дали тоа го прават заради прагматичен акт за глас повеќе или затоа што споделуваат вистинска левоцентрична идеологија, за што не сум сигурен дека станува збор, имајќи го предвид фактот дека и во самиот ЕСП тројцата лидери не се со иста идеологија. Касами е далеку повеќе десно ориентиран, како и Гаши, додека Меџити доаѓа од ДУИ, која што е повеќе централнолево ориентирана. Заклучокот е дека не се работи за идеологија и веројатно таа соработка не може да направи идеолошка промена, туку станува збор за чисто прагматично ангажирање за да се собере глас повеќе со што ќе може да им парираат на ДУИ и на Алијанса за Албанците – вели Селмани.

Прашан зошто партиите на Албанците уште имаат потреба од патронство на официјални државници од Косово и од Албанија, наместо да се потпрат на сопствени програми и сили, Селмани вели дека има период на одредено созревање во создавањето и креирањето на политиките и дека во минатото, и помеѓу Косово и Албанија имало таква слична поддршка од една кон друга партија.

– Меѓутоа, сведоци сме последниве година-две колку официјалните политики на премиерите на двете држави се разликуваа и воопшто не криеја дека имаат различни ставови по многу балкански и регионални прашања. Веќе не зборуваме дека некој некому може да му наметнува политички процеси, бидејќи факт е дека тоа повеќе не поминува во ниедна држава. Повеќе на тоа гледам како на соработката од практична причина за да се добие глас повеќе. Но, гласачите се доста зрели, едно е вие да имате симпатија кон некој политичар од странство, а друго е да очекувате тој политичар што дејствува во Косово и во Албанија да ви ги решава тековните економски, инфраструктурни, социјални, образовни, здравствени и политички проблеми. Граѓаните се свесни дека решението не е надвор, туку внатре во државата и со тие функцоионери што тие самите ќе ги изберат и именуваат таму каде што мислат дека тоа е најдобро, дали на локално или на централно ниво. Повеќе има фолклор во целата работа. Фолклорот се гледа, а во заднина е прагматичноста – смета Селмани.

Исен Салиу, Фото Фејсбук

 Салиу: Првпат отворена соработка меѓу партии од Македонија и од Косово

Новинарот и аналитичар Исен Салиу, пак, смета дека е добро што првпат имаме отворена соработка меѓу партии од Македонија и од Косово, односно со партија надвор од нашата држава, која е во согласност со законите и Уставот.

– Добро е што ова соработка ќе биде јавна и транспарентна, без контроверзии, како што беше, на пример, случајот „Пустец“ . Исто така, мислам дека станува збор за соработка која нема „подбуцнувачки” и дестабилизирачки цели, како што е соработката меѓу партиите на косовските Срби, или Србите од Босна и Херцеговина со Белград. Не е првпат да има соработка меѓу партиите од Македонија и од Косово и досега секогаш победила политичката опција која ја имала поддршката од партијата на власт во Косово – вели Салиу и додава дека таа соработка ќе придонесе и за подобрување на односите меѓу Македонија и Косово.

Новинарот од Приштина Лирим Мехметај објави дека вклучувањето на „Самоопределување“ на политичката сцена во Северна Македонија е во полза на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и против главните партии на Албанците, ДУИ, АА и ДПА. Според него, од сите политички потези на Курти, ова е најантиалбански.
Косовскиот новинар Вехби Кајтази вели дека партијата на Никола Груевски и Албин Курти се во тивка коалиција против Ахмети и прозападната ориентација на Албанците во Северна Македонија.

– Курти таму не се натпреварува против македонските партии, туку директно против ДУИ. Проруските партии повеќе не ја сакаат ДУИ на власт, бидејќи Албанците, според нив, имаат многу моќ во Северна Македонија. Но можете да бидете сигурни дека Курти ќе доживее дебакл како што претрпе во Албанија – вели Кајтази, пренесува македонскиот портал Фронтлајн.

Законот за политички партии не дозволува партии регистрирани во други земји да дејствуваат на територијата на Република Македонија.
По реакциите на аналитичарите, но и на премиерот Димитар Ковачевски, Меџити објасни дека Беким Ќоку, кој е советник на Курти и член на „Самоопределување“ е стружанец и државјанин на Македонија, и како таков ќе се најде на листите на ЕСП.
Дека Курти ќе игра за Меџити, Касами и Гаши навести при неодамнешната посета на Тетово и на Скопје. Тогаш и на двата настана беше истакнато знаме со карта на „голема Албанија“ што предизвика лавина реакции и жестоки критики.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот