Меџити го повика Ахмети да каже дали тој или Груби е претседател на ДУИ

Фото Слободен печат

Ако Ахмети сака да ме тргне, пред да го именуваат Османи прво требаше да ме разрешат, па да именуваат вршител на должност претседател на огранокот на Чаир. Разрешувања и реваншизам не беа карактеристики на ДУИ,овој Ахмети не можеме да го препознаеме, вели Меџити.

Изет Меџити, потпретседател на ДУИ и предводник на „огнените“, го повика партискиот лидер Али Ахмети јавно да каже дали тој е претседател на партијата или, пак, првиот вицепремиер Артан Груби. Повикот до лидерот следува откако Ахмети го назначи шефот на дипломатијата Бујар Османи, за координатор на политиките во чаирскиот огранок, каде што претседател е Меџити и по најавата на Груби дека во ограноците на Чаир и Сарај ќе следат внатрепартиски избори. Ова, пак, се толкува дека Ахмети бара елегантен начин да го отстрани Меџити од претседател на огранокот на Чаир.

Иако впечаток е дека кулминира внатрепартиската битка меѓу „огнените“ и „ахметистите“, сепак очекувањата се дека таа ќе потрае и дека е расплетот е можен дури на партискиот конгрес кој треба да се одржи кон крајот на годинава или во почетокот на следната. И покрај јавните прозивки и меѓусебни обвинувања која од страните не го почитува партискиот Статут, мали се шансите Ахмети да ги исклучи „огнените“од партијата, но и тие сами да ја напуштат ДУИ.

За последните случувања што ја зовреа атмосферата во партијата, Меџити за „Слободен печат“ вели:

„Ќе почекаме претседателот де јуре (Али Ахмети, н.з.) да се изјасни, бидејќи претседателот де факто (Артан Груби, н.з.) дава изјави. Ако овие надлежности му ги делегирал на Артан, Ахмети треба јавно да каже. Не знам како Ахмети дозволува Груби партијата да ја третира како на тезга. Артан кажува кој ќе биде координатор на политиките на огранокот на Чаир, кога ќе има избори во ограноците, кога ќе се одржи Конгресот. Кажува дека тој, кој вчера е дојден во партијата, лобирал кај Ахмети за мене, а јас сум во ДУИ 20 години. Лобирал јас да станам претседател на огранок и пратеник?! Ова веќе е трагикомично. Со ова или Груби сака да каже дека тој, де факто, е претседател на ДУИ или е крајно несериозно и сака да нè насмее, како со видеото со фудбалот како антистрес за министрите. Чудна работа, но вреди да се анализира“,вели Меџити.

Потпретседателот на ДУИ го повикува Ахмети да се изјасни дали решил да го слуша Груби, а сопартијците што 20 години придонесувале за партијата ги прашува зошто молчат. Меџити се чуди зошто Османи е назначен за координатор на политиките во огранокот на Чаир, бидејќи, според Статутот, таква функција не постои. Според Меџити, станува збор за удвоена функција за да се намали неговото влијание во чаирскиот огранок.

„Таква функција не постои. Ако Ахмети сака да ме тргне, пред да го именуваат Османи прво требаше да донесат одлука да ме разрешат, па да именуваат вршител на должност претседател на огранокот на Чаир. Разрешувања и реваншизам не беа карактеристики на ДУИ. Овој Ахмети не можеме да го препознаеме. Изгледа не им е јасно дека не еднаш, десетпати да гласаат, ограноците во Чаир и во Сарај, јас и Блерим Беџети ќе победиме, бидејќи членството е на наша страна, а тоа се гледа од собирите“, вели Меџити.

Тој вели дека на внатрепартиските избори во чаирскиот огранок допрва ќе одлучи дали ќе учествува во трката за нов мандат за претседател.

Груби во гостување на Телевизијата 24 рече дека задача на Османи е да ги почне подготовките за избори во подограноците и во огранокот во Чаир и дека е назначен за координатор, бидејќи Меџити не ги претставува ставовите на ДУИ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот