„Мечето што не го фаќаше зимски сон“ на Александра Велинова пристигна на Саемот на книга

Фото: Промо

„…Родителите на мечето беа во длабок сон. Со затворени очи се смешкаа, нешто убаво сонуваа. Но, малото мече сон не го „фаќаше“ наслушнувајќи го детскиот џагор што доаѓаше однадвор“, пишува во најновата сликовница за деца „Мечето што не го фаќаше зимски сон“ на авторката Александра Велинова.

Во неа љубопитниот Алексеј и мечето ги носат најмладите читатели во незаборавна зимска авантура: прават пеперутки во снегот, жонглираат со снежни топки, скијаат, се сончаат на бачило и пијат чај, дишат чист воздух, се валкаат во снегот, уживаат во глетката на снежната планина. Но, и забележуваат и учат дека снегот се претвора во лед и во вода, всушност водата ја менува агрегатната состојба.

Фото: Промо

„Никогаш не помислував да пишувам книги за деца додека не се родија моите. Голема е одговорноста да се пишува за деца, тешко е кратко да се пишува и треба да се внимава на каков начин и каква порака ќе им се пренесен на младите читатели. Кога станува збор пак за сликовница треба додека пишуваш да размислуваш и визуелно како ќе изгледа, илустрирано. Во зависност за која возраст е наменета треба да се запази и процентот на застапеност на текст и илустрација на страниците. Ако нема доза на хумор тешко дека ќе им го привлече вниманието, но пред сè треба да бидат и едукативни. Всушност, Стефан и Алексеј ‘ги пишуваат’, јас се потпишувам. И претходните и новава се инспирирани од наши патувања и разговори со нив. И тоа обично се случува неколку години потоа, не одам со план дека ќе пишувам. ‘Мечето што не го фаќаше зимски сон’ како идеја се роди при првата посета на планина на Алексеј пред три години“, објаснува Александра.

„Мечето што не го фаќаше зимски сон“ е поддржана од Министерството за култура. Им се придружува на „Бидејќи сум дете“, „Стефан во магичниот град“, „Стефан на прошетка со Ками во Египет“, „Стефан во Дино парк“, „На крилјата на самовилското коњче“, „Најубавите години“, „Стапки во пустина“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот