Маркетиншки трикови или релевантни информации: Како да се избегнат замките на социјалните мрежи?

Социјални мрежи / Фото: Michele Ursi / Alamy / Alamy / Profimedia

Секоја социјална мрежа има автентичен начин на ловење на корисниците кои се во еден меур заедно со инфлуенсерите и познатите личности, а кои, пак, се диктирани од компаниите и од политичките партии

Граѓаните често знаат да бидат изманипулирани на социјалните мрежи, било од компаниите било од политичарите. Преку вешти техники што се користат насекаде во светот, маркетиншките трикови во земјава се во полн ек, а овој тренд се чини дека нема да запре во блиска иднина.

Со точно таргетирана публика, компаниите и политичките партии преку посебни тактики на социјалните мрежи ги манипулираат граѓаните.

На секоја социјална мрежа има различен начин како да се намамат луѓето за одредена тема, најчесто продукти кога станува збор за компаниите или политичка кампања кога станува збор за партиите.

Маркетиншките трикови што најчесто се користат во ваквите тактики варираат од една до друга социјална мрежа, главно поради возраста на публиката. Како што еволуираат социјалните мрежи, така напредуваат и техниките на компаниите и на политичарите.

Кои социјални мрежи се најпопуларни во Македонија?

Според податоците на истражувачката мрежа „Датарепортал“, во 2023 година во Северна Македонија имало повеќе од 1,8 милиони луѓе што користеле интернет, односно околу 87 отсто од вкупното население, иако анализата на „Кепиос“ покажува дека бројот на корисници на интернет во земјава меѓу 2022 и 2023 година се намалил за 8.618. Од друга страна, над 267 илјади луѓе не користеле интернет во 2023 година, што значи дека околу 13 отсто од населението останало „офлајн“.

Кога зборуваме за социјалните мрежи, на почетокот на 2023 година според податоците на „Датарепортал“, во земјава имало повеќе од 1,2 милиони корисници на социјалните мрежи, од кои 1,14 милиони биле полнолетни.

Според податоците од истата мрежа, најмногу корисници во Северна Македонија има на социјалната мрежа Фејсбук, а официјалните бројки на матичната компанија на Фејсбук, Мета, покажуваат дека во Северна Македонија на почетокот на 2023 година имало 914,2 илјади корисници на оваа социјална мрежа.

Следна социјална мрежа е Инстаграм со повеќе од 711 илјади корисници, а следен е Линкдин со 320 илјади корисници, а на платформата на милијардерот Илон Маск, Икс (Твитер), има над 130 илјади корисници од Македонија.

На секоја од овие платформи се користат слични тактики со цел да се промовираат бизнисите или политичките кампањи.

На пример, на Инстаграм и на Тикток, кои ги користи главно помладата публика, често се објавуваат кратки видеа, за кои компаниите често ангажираат инфлуенсери што ги претставуваат нивните проекти, а политичарите користат добро подготвени „рилови“ (reels) од некој нивен говор, зборувајќи за некој нивен проект, кампања и слично.

Во интервју за „Слободен печат“, комуникологот Бојан Кордалов објасни како граѓаните можат да се заштитат од ваквите измами на социјалните мрежи и какви тактики користат политичарите и компаниите за да ги примамат корисниците.

Бојан Кордалов – комуниколог/ Фото: “Слободен печат” / Драган Митрески

– Граѓаните веќе се штитат, многу добро го знаат копчето „икс“, „не сакам да ја видам таа реклама“ или копчето „отследување“ или блокирање на страницата. Граѓаните се штитат. Кога сме кај „риловите“, на пример имаме случај кога министер, министерка или градоначалник прави едноминутно видео во кое како некој своевиден модел, спортист или слично праќа одредена порака. Но, тоа не ги интересира луѓето. Луѓето не ги интересира „модната кариера“ и џетсетерскиот пристап на политичарите – објаснува Кордалов.

Тој додава дека доколку граѓаните ги следат политичарите на социјалните мрежи, тоа го прават бидејќи кај нив гледаат некаква додадена вредност за средината, за општеството, односно некаква промена.

– Политичарите не треба да ги копираат пристапите на славните личности. Нема потреба од тоа. Треба да се биде автентичен и да се пренесе пораката за самиот себе, која е визијата, која е заложбата – вели Кордалов.

Промашена маркетиншка цел

Кордалов смета дека маркетиншките стратегии на компаниите и на политичарите во реалноста треба да имаат позитивна цел, иако сето тоа во земјава го прават сосема погрешно.

– Не секогаш е штетно користењето добри маркетиншки тактики и привлекување на клиентите или на гласачите, меѓутоа најважно е тоа да се прави правилно и етички. Проблемот настанува кога ќе помислиме дека сè е дозволено на социјалните медиуми и како компании или политичари не ги почитуваме ниту нормите што се таму дадени, па во некоја мера не ги почитуваме ни законите и тука е проблемот – вели Кордалов.

Бојан Кордалов – коминиколог/ Фото: “Слободен печат” / Драган Митрески

Тој смета дека клучната замка во целата ситуација е што компаниите не се фокусираат на основната работа за која всушност служат социјалните медиуми, а тоа е градење имиџ, за себе, за својата компанија, за својот бренд и комуникација со потрошувачите во реално време.

– Кај нас се мисли дека сè може да се продаде, сè може да се купи и најважно е само да се истурат многу пари за една онлајн реклама и дека нештата само така ќе одат. Граѓаните над триесет години живеат во плурализам и не е првпат да ни се случи некое ветување, некоја лага. За жал, од друга страна сиромаштијата е и понатаму голема и тоа води кон многу лажни наградни игри, многу лажни маркетиншки трикови што сè уште „палат“ – изјави Кордалов за „Слободен печат“.

Законите и социјалните мрежи

Постоењето скрупули на социјалните мрежи е едно од прашањата за кои често се заборава во јавноста. Кордалов вели дека често се случувало самите медиуми да ги прекршат законите на социјалните мрежи, но вината според него е во непостапувањето.

– Скрупули постојат (на социјалните мрежи), се нарекуваат закон. Како што постојат секаде, постојат и таму и тука нема компромис. Многу често сме гледале како тие се „потпрекршуваат“, нешто што медиумите или порталите не смееле да го направат, се правело на социјалните медиуми. Меѓутоа тука е вината во неказнивоста, во непостапувањето, бидејќи најодговорно тврдам, но би сакал и правниците конечно да се изјаснат правнички, дека не постои закон што се однесува на некое дело во секојдневието, а да не може да се примени во интернет-просторот. Можеби ќе треба да се докаже дали таа личност, таа партија, во таа процедура направиле прекршување, иако кај партиите и политичарите е лесно бидејќи тие имаат официјални, верифицирани страници со таа сина штикла, така што мислам дека мора да се сфати дека е истото. И дека истите правила и процедури важат – објаснува Кордалов.

Корисниците на социјалните мрежи во Македонија често знаат да се најдат во расправија во коментари на некоја објава. Кордалов очекува од политичките партии и од големите компании да бидат водилка во ставањето крај на ова онлајн насилство, кое е присутно од самиот почеток на социјалните мрежи.

– Доста е веќе по 15 години мислење дека зад тастатурата можеш да направиш сто работи, што во секојдневието се плашиш да ги направиш. Мора да се запре со тоа, а политичарите, партиите, но и големите компании мора да бидат водилка во овој процес, затоа што нели тие се најмоќни, највлијателни, „најфинансиски“ присутни и едноставно треба да го направат тоа. Но, за да го стигнат тоа, треба да сфатат дека тие не се главни, туку главни се потрошувачите или граѓаните. Бидејќи, зошто вие ги правите рекламите, небитно дали како политичари или компанија? Ги правите за да се промовирате, за да добиете фидбек, за да бидете поуспешни ако сте политичари или, пак, да се креира позитивен имиџ за вас и за вашиот бренд и со самото тоа да имате поголем профит и распространетост – вели Кордалов.

Улогата на инфлуенсерите

Една од најголемите тактики во маркетингот отсекогаш биле инфлуенсерите. Иако со текот на годините се менувал концептот на користење инфлуенсери, во минатото сме биле сведоци на познати пејачи и спортисти во политички кампањи или во маркетиншки промоции на компании, но со подемот на социјалните мрежи тој стил малку се промени.

На социјалните мрежи поединци со неколку илјади следбеници можат да се сметаат за инфлуенсери и со тоа да имаат некакво влијание врз јавноста.

– Да се биде инфлуенсер не значи да се добиваат само кликови, туку може да се добијат и кривични пријави. Не значи дека се заработуваат само пари, може да се заработат и многу забрани за вршење некоја дејност, а тоа сме го гледале во земјава децении назад – објаснува комуникологот Кордалов.

Според него, законите важат и за инфлуенсерите исто како и за компаниите и за граѓаните.

Често се случувало некои од инфлуенсерите (свесно или несвесно) да промовираат дезинформации на социјалните мрежи, кои нивните следбеници ги земаат здраво за готово, слепо верувајќи во тоа што го кажуваат тие.

За овој проблем, Кордалов смета дека ние луѓето веруваме во она што сакаме да го прочитаме и слушнеме, без да ги провериме информациите.

– Дигитализацијата покрај сите свои предности, ја има оваа сериозна слабост. Ги тера луѓето да бидат дел од еден меур, кој е само нивен и не гледа подалеку од тоа што е вистина, а што е лага, туку само она што би им одговарало – објасни Кордалов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот