Маричиќ: Интензивно работиме на дигитализацијата на судството

Пандемијата со Ковид-19 е катализатор на процесот на дигитализацијата на судството, истакна министерот за правда Бојан Маричиќ во обраќањето на V-та Меѓународна судска конференција на тема „Судството во состојба на пандемија”, соопшти Министерството за правда.

Според Маричиќ, и покрај бројните прашања кои се појавија по објавувањето на концептот за дигитализација на правосудството, Министерството за правда во наредниот период ќе посвети посебно внимание токму на овој процес.

– Кога ја преземав функцијата министер за правда кажав дека воведувањето на информатичката технологија во работењето на судовите ќе мора да се случи. И тоа не само заради држењето чекор со трендовите, туку затоа што на тој начин ќе обезбедиме поголема ефикасност и транспарентност во судските постапки, а со тоа и ќе се олесни пристапот до правдата за граѓаните и ќе се придонесе кон поголема доверба во функционалноста на системот. За сето ова потребни се законски измени, технички предуслови како што е опремувањето на судниците за онлајн судења, односно финансиски средства, и секако – респонзивност на правосудниот систем да го направи овој технолошки скок, истакна Маричиќ.

Според министерот, сега е вистинскиот момент да се интензивира овој процес со цел да се фати приклучокот со развиените европски земји.

– Сметам дека работиме навремено, за што говори и фактот што Европската комисија на 2 декември минатата година ја усвои Комуникацијата за дигитална правда во ЕУ, чија цел е токму да се осигури дека правдата исто така се движи напред во склад со дигиталното време. И на ниво на ЕУ се работи на развој на нова алатка за дигитална правда, која опфаќа целокупна рамка за законодавни, финансиски и ИТ активности за поддршка на дигиталните транзиции на земјите членки, кажа министерот Маричиќ во обраќањето на V-та Меѓународна конференција на тема „Судството во состојба на пандемија” .

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот