Македонските пливачи на Светско само доколку самите ги платат трошоците за превоз и сместување?

фото: Национална пливачка федерација

Од 16 до 31 јули 2023 година во Фукуока – Јапонија ќе се одржи Светското првенство во сениори во пливање на кое треба да земат учество и четири пливачи и да ја претставуваат Македонија.

Во тимот за Светското првенство предводен од тренерот Илија Стојановски се Миа Блажевска Еминова, Ева Петровска, Никола Ѓуретановиќ и Андреј Стојановски.

Националната пливачка федерација на социјалните мрежи сподели објава од Здружението Куќа на среќата кое ги повикува сите општествено одговорни компании да помогнат финансиски да се покријат трошоците за превоз и сместување.

Во продолжение целото соопштение:

Дали знаете дека овие деца ќе одат на светско само доколку самите си ги платат трошоците за превоз и сместување? Дали знаете дека Владата, Агенцијата за млади и спорт и многу други институции се добро запознаени со нивната состојба, но сеуште никаде ги нема. Додека ги држат во неизвесност и додека овие деца се надеваат дека некогаш ќе добијат позитивен одговор, цените на авионските билети од ден на ден се се поскапи. Толку ли Агенција за млади и спорт / Agency of youth and sport неможе да ги купи билетите? За што е всушност оваа агенција ако нашата спортска иднина треба да собира донации за да ја претставуваат Македонија? Влада на Република Северна Македонија нели поддржува млади таленти???

Овие деца се нашите таленти, деца кои го менуваат светот, деца кои пливањето им е се, деца за кои институциите немаат слух, немаат средства да им го обезбедат нивното учество во светското првенство, деца кои заедно со нивните родители и клубови се оставени сами на себе да се снајдат како знаат и умеат доколку сакаат да ја преставуваат нашата земја на светското првенство во пливање, да го веат македонското знаме.

Поради финансиски долгови и блокирана сметка на Националната пливачка федерација, минати долгови кон Светската пливачка федерација, проблеми со кои се соочува нашата федерација повеќе од 10 години, ФИНА (Светската пливачка федерација) одлучи, оваа година, да не ги покрива трошоците на нашите пливачи за учество на истото. Учеството на Светското првенство е еден од неопходните услови за учество на Олимписките игри, па затоа ова натпреварување е од круционално значење за овие деца и нивната кариера која е во подем.

Потребни се најмалку 10.000 – 15.000 евра за авионските карти, кои зависат од тоа кога ќе се купат. Сместувањето додека престојуваат таму исто самите треба да го платат и е дополнителен трошок за кој исто немаат пари.

Здружението Куќа на среќата ги повикува сите општествено одговорни компании да се приклучат и да бидат дел од ова светско првенство. Бидете поддршка на овие деца, бидете нивните спонзори. Секоја компанија која ќе сака да биде спонзор и дел од овој настан може слободно да нè контактира на следниот меил [email protected]

Како и многу пати до сега така и сега останува на нас граѓаните да се обединиме и да го оствариме сонот на овие деца, да им овозможиме сонот да им стане реалност. Потребни се парични средства за авионски карти и за сместување… пари без кои не може овие деца да бидат дел од светското првенство за сениори во пливање.
Ајде дечки да бидеме хумани, да бидеме сложни и да донираме за овие деца. Да ја собереме потребната сума и да им го отвориме патот кон посветла иднина кое секое дете ја заслужува. Сите вие кои сакате да донирате тоа можете да го направите на следнава жиро сметка:

Здружение на граѓани Куќа на среќата 200003824125567 – Стопанска банка АД Скопје
IBAN MK07200003825028637 SWIFT код; STOBMK2X

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот