Македонските одбојкари по вторпат поразени од Украина во Европската златна лига

фото: Одбојкарска федерација на Македонија

Македонската одбојкарска сениорска репрезентација во последниот шести натпревар од групата „Б“ во Европската златна лига загуби во СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје од Украина со 0:3 во сетови. Украинците со шест победи во сите натпревари и максимален број на бодови во групната фаза докажа зошто е еден од фаворитите за освојување на титулата во ова натпреварување.

Во првиот сет добро започнавме со водство од 6:3, но брзо се возвратија противниците кои не само што израмнија на 8:8, потоа и го контролираа резултатот во своја корист. Постепено беа во позитива кој достигна и до највисоки „плус седум“ (13:20) и не ни дозволија да се вратиме.

Можевме да стигнеме до израмнување во вториот сет во кој воглавно ние бевме во предност, имавме 8:4, па 10:6, играчите на Јошко Миленкоски ги израдуваа навивачите во арената и со водство од 13:7.

Бевме навистина блиску до 1:1 во сетови бидејќи на семафорот стоеше и 20:14 за нас и наместо рутински да се одработи задачата до крај, дозволивме ривалот да направи пресврт. Најпрвин гостите стигнаа до 20:18, па повторно бевме на „плус три“ (22:19). При 22:20 Украинците врзаа три поени во серија за 22:23, а при 24:24 реализираа уште два за зголемување на 0:2 во сетови.

Украинските одбојкари во третиот сет ни покажаа како треба да се одржува позитива, водеа со 2:6, па со 9:14, ние на моменти се доближувавме до „минус два“ (14:16, 17:19). Дојдовме и до 19:20, но Украина на секаков начин доаѓаше до решение, се одвои на 20:24 и тука сите дилеми околу победникот беа решени.

Во македонската репрезентација најефикасен беше Н. Ѓоргиев со 15 поени, следен од А. Љафтов со 11, а на спротивната страна Олех Плотнитскиј запиша 14 поени.

Европска златна лига
Група „Б“

6. коло, резултати –

Македонија – Украина 0:3 (18:25, 24:26, 23:25)
Хрватска – Белгија 3:1 (25:22, 25:20, 23:25, 25:21)

Конечна табела:
1. Украина (18:0) 18 бодови
2. Белгија (8:13) 6
3. Хрватска (9:15) 6
4. Македонија (8:15) 6

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот