Македонски и бугарски новинари во Охрид водат дијалог против предрасудите  – Слободен печат
ВестиМакедонија

Македонски и бугарски новинари во Охрид водат дијалог против предрасудите 

Тој појасни дека професионалниот ангажман на новинарите ќе биде многу важен и за два настана што треба да се случат во иднина.

Во Охрид денеска започна првата средба во рамките на новинарската иницијатива „Викенд на дијалог – новинари против предрасудите”  чија цел е зајакнување на професионалното новинарство наспроти лажните вести преку подобрување на меѓусебната комуникација  и соработка на новинарите.

На официјалниот почеток од средбата присуствуваше и амбасадорот на Република Бугарија во Скопје, Ангел Ангелов кој рече дека професионалноста на новинарот се гледа кога тој знае до каде му е мерката, ја почитува етиката и ја пренесува вистината. Новинарската иницијатива „Викенд на дијалог”, според амбасадорот Ангелов, ќе помогне во негувањето на добрососедските односи помеѓу двете земји.

-Овој проект што го финансира Министерството за надворешни работи на Република Бугарија е мошне важен за отворањето на двете држави и негување на Договорот за пријателство и добрососедство, како и за решавање на проблемите и стереотипите кои се наталожени со децении. Сметам дека на оваа средба учествуваат претставници на традиционалните и релевантни медиуми кои се водат според професионалните критериуми – рече амбасадорот Ангелов.

Тој појасни дека професионалниот ангажман на новинарите ќе биде многу важен и за два настана што треба да се случат во иднина.

–Прво, членството во Република Македонија во НАТО ќе значи нова доверба  помеѓу двете земји бидејќи војниците на двете земји ќе бидат на бојното поле еден до друг и треба да  внимаваат едни со други и да имаат  меѓусебна доверба. Второ, од 1 јануари 2020, Република Северна Македонија и Република Бугарија се претседавачи со Берлинскиот процес, така што администрациите во двете земји треба да соработуваат меѓусебно. Вие како професионални новинари ќе помогнете со тоа што ќе придонесете нашите две држави да се претстават што е можно најдобро, порача амбасадорот Ангелов на средбата на новинари во Охрид.

Како што истакна министерот за отчетност и транспарентност во Владата на Република Северна Македонија, Роберт Поповски, во текот на последните години, Република Северна Македонија и Република Бугарија докажуваат дека  се на вистинскиот пат и темелно ги враќаат релациите односите, градејќи го пријателството помеѓу двата народа врз сериозни столбови.

-Новинарството е професија којашто коригира, којашто оплеменува, и токму од тие причини мислам дека новинарството е токму таа професија којашто ги зближува и народите, и нациите, и граѓаните од кои било делови на светот. Токму така ја доживувам и оваа викенд средба во Охрид. Верувам дека ваков респектабилен собир на колеги од двете држави, и отворен дијалог на темите коишто можат да значат и предрасуди, и надминувања, и лажни вести, и говор на омраза, ќе придонесе многу кон градење на мостовите помеѓу двете држави, рече Поповски.

На првата средба од новинарската иницијатива „Викенд на дијалог-новинари против предрасудите”, како што истакна Виктор Стефановски, медиум-организатор на настанот,  учествуваат новинари и претставници на релевантни медиуми од Република Бугарија и Република Северна Македонија кои разговараат меѓусебно без какви било посредници, за состојбата во медиумите и креирањето на информациите, но и за тоа како да ги лоцираат точките што предизвикуваат емоции во известувањето.

– Целта е овие неколку денови заеднички да изградиме здрава основа за уривање на стереотипите и предрасудите кои веројатно постојат кај секој од нас, а за жал биле градени и подигнувани со години наназад. Што е поважно во креирањето информации? Можат ли новинарите конечно да го победат говорот на омраза? Ова се само дел од прашањата на кои ќе се обидеме заеднички да најдеме одговор и да застанеме на истата страна во официјалните, но и неформалните дебати што ги имавме и ќе ги имаме на различни локации, истакна Стефановски.

„Викенд на дијалог – новинари против предрасудите” е новинарска иницијатива за зголемена меѓусебна комуникација и размена на информации на новинари од соседни земји со цел јакнење на професионалното новинарство контра лажните вести.

Носител на оваа иницијатива е Здружението за промоција на дијалогот, толеранцијата и човековите права „Медиум” – Скопје, а проектот е поддржан од Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close