„Македоника литера“ ќе учествува на е-семинар за меѓународно издаваштво

Во организација на Кинеската меѓународна издавачка групација (ЦИПГ), на 11 мај во Пекинг, Народна Република Кина, ќе се одржи меѓународен е-семинар, на кој освен менаџери на групацијата и на кинески издавачи, ќе учествуваат и менаџери на издавачки куќи од десетина земји со кои соработуваат кинеските издавачи.

На семинарот ќе учествува и Нове Цветаноски, директор на Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“. Поради новата ситуација во светот и ограничувањата за патување, семинарот ќе се одржи комбинирано – конференциски за учесниците од Кина, а преку интернет комуникација ќе учествуваат издавачи од Шпанија, Германија, Јужна Кореја, САД, Индонезија, Индија, Турција и Македонија.

Главната тема на семинарот е влијанието на епидемијата, промените во кинеската и во странската издавачка индустрија, контрамерките и начините за зајакнување на меѓународната соработка. Преку интернет-дискусијата ќе се разговара на неколку панел-сесии посветени на: влијанието на пандемијата врз меѓународната издавачка продукција; влијанието и промените во кинеското издаваштво; влијанието и промените од пандемијата врз формите и содржините за читање на читателите; приспособување на издавачката индустрија на променливата состојба на епидемијата; и за можностите за натамошен развој, соработка и комуникација во издавачката индустрија.

Целиот настан и целиот процес ќе бидат снимени, а потоа и јавно достапни.

Кинеската меѓународна издавачка групација (ЦИПГ) веќе неколку години, традиционално во мај, организира меѓународни семинари кои се одржуваат во Пекинг. „Македоника литера“ последниве две години има продуктивна соработка со издавачката куќа „Делфин букс“, која е член на ЦИПГ.

Директорот на „Македоника литера“ Нове Цветаноски, минатата година учествуваше на неколку семинари и форуми за издаваштвото што се одржаа во Пекинг. Инаку, „Македоника литера“ е член на Унијата на издавачи 16 + 1 од основањето, а последниве две години објави повеќе од 30 кинески книги.

Во соработка со „Делфин букс“ досега копродукциски објави 13 тома од едицијата „Најдобрата кинеска литература за деца“, а за годинава се подготвува нова едиција книги за младите читатели. Имено, „Делфин букс е специјализирана издавачка куќа за книги за деца и млади и е водечка кинеска издавачка куќа во таа област во меѓународната соработка на кинеското издаваштво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот