Македонија ќе има еден атлетичар на ЛОИ 2020: Стојоски ќе има специјален мотив во Токио  

фото: Македонски олимписки комитет

Јован ќе го нападне македонскиот рекорд на 400 метри, резултат што одамна посакува да го постигне во чест на Исмаил Мачев, неговиот починат тренер. Мачев во 1983 година истрча 46,27 секунди, рекорд што досега остана недостижен за македонските атлетичари 

Целта на сите спортисти кои настапуваат на олимиски игри е да ги постигнат своите најдобри резултати, достојно да ги претставуваат своите нации. Тоа сака и Јован Стојоски, македонскиот претставник на ЛОИ 2020 во Токио во атлетика.

Но тој има уште една амбиција, со која е проткаена неговата кариера и која за него е додатен мотиватор. Стојоски сака да го собори рекордот на Македонија во дисциплината 400 метри, кој е во сопственост на Исмаил Мачев, а постигнат е во 1983 година, кога нашиот атлетичар истрча резултат од 46,27 стотинки.

фото: Атлетска федерација на Македонија

Стојоски е емоционално врзан за Мачев кој му беше тренер од почетокот на кариерата. Исмаил почина пред две години во Белград каде живееше и работеше како тренер. Стојоски беше погоден од смртта на Мачев и негов завет е дека ќе го собори неговиот рекорд што му е додатна инспирација и начин да изрази почит кон Мачев.

– Секако дека на Олимписките игри ќе дадам се од себе да постигнам што подобар резултат. Дали тоа ќе биде доволно да го соборам рекордот на мојот починат тренер, не знам. Но знам дека ќе сторам се за да го соборам тој рекорд што е можно поскоро. Рекордот е 46,27 секунди, а мојот резултат на таа дисциплина е 46,82. Тоа е и блиску и не е – вели Стојоски.
Тој е роден и живее во Белград, но има македонско потекло и соборил повеќе национални рекорди настапувајќи за Македонија. Тој сега работи со тренерот Марина Мишиќ.

EPA-EFE/SRDJAN SUKI

– Во првиот дел од сезоната главно ми беше да обезбедам учество на ЛОИ, а потоа со Марина Мишиќ работевме да ја подигнам формата што повеќе пред настапот на ЛОИ – вели Стојоски кој е горд што ќе ја претставува Македонија на ЛОИ.

Настапот на олимписки игри е како сон. Кратко и јасно, тоа е врв во спортот. Самиот збор Олимпијада носи голема тежина, вели младиот атлетичар.

Откако беше објавено дека Стојоски ќе ја претставува Македонија, се случи јавен протест од Игор Јакимовски, тренерот на нашиот атлетичар Дарио Ивановски, дека неговиот пулен наместо Јован треба да оди на ЛОИ. Стојоски на ЛОИ оди со вајлд-карта, добиена на основа на тоа што неговиот резултат на 400 метри е највреден разултат постигнат од македонски атлетичар во предолимпискиот период. Јован вели дека непријатната ситуација со протестот на Јакимовски не го исфрлила од колосек.

– Сосема сум во рамнотежа. Психата ми е посилна страна. Можам да ги раздвојам битните од небитните фактори во мојата кариера – вели Стојоски. Тој се занимава со атлетика 11 години, а моментно е член на АК Охрид.

Бев многу бавен пред една деценија кога започнав, но со дисциплина и упорност се постигнува многу, па еве ме и на Олимпијада – вели Јован.

Меѓу другото, негови се македонските рекорди на 200 метри на отворено (21,32 секунди) и на 200 и на 400 метри во сала (21, 94 секунди, односно 48,14 секунди).

Покрај Стојоски, на ЛОИ во Токио Македонија ќе ја претставуваат и Магомедгаџи Ноуров (борење, А норма), Дејан Георгиевски (таеквондо, А норма), Миа Блажевска – Еминова (пливање), Филип Дерковски (пливање), Пуликсенија Јованоска (карате), Арбреша Реџепи (џудо), Борјан Бранковски (стрелаштво).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот