Маглите стасаа, а државата без мерка за загадувањето

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Магливите денови по котлините деновиве го актуализираа проблемот со загадувањето на воздухот во поголем број градови во државата. Според податоците на Министерството за животна средина (МЖСПП), зачестија зголемени концентрации на ПМ10 честичките, измерени на веќе вообичаените мерни места.

Во понеделникот, прекумерно загадување било забележано во Лисиче – 84,7 микрограми на кубен метар, потоа во Кичево, Тетово, во Велес, Кавадарци и Куманово. Кавадарци, Кичево. Според истиот извор, досега годинава најголем број денови со измерено загадување имало во Кавадарци – 104, во Кичево – 82, скопско Лисиче – 85 дена со надминати вредности на ПМ 10 честичките во воздухот.

Мерните места во главниот град во текот на октомври регистрирале зголемено загадување на сите мерни места. Највисоки вредности на ПМ10 честички се измерени во Лисиче на 24 октомври – 110 мг/м3. Мерачот на ПМ10 честичките на еден од најзагадените пунктови во Скопје, кај Ректоратот, не мери од 17 октомври.

Државните мерни станици главно ја мерат концентрацијата на ПМ10 честичките, кои се само еден од шесте индикатори за загадување на воздухот. Во моментов ниту една државна станица не ги мери поситните и поопасни ПМ 2,5 честички, додека сулфур диоксидот се мери само на неколку места. Отсуствуваат мерења на озонот, азот диоксидот и јаглерод моноксидот.

По назначувањето, министерот за животна средина Насер Нуредини минатиот месец најави дека пред да започне грејната сезона која се совпаѓа со зголемените концентрации на ПМ-10, ќе бидат поправени сите расипани мерни станици. Нуредини, исто така, за полесно информирање за квалитетот на воздухот најави дека Министерството ќе изготви нов транспарентен софтвер. Беше кажано и дека ќе се набават нови мерни инструменти.

Минатата недела почна со работа нова мониторинг станица во Гевгелија и заменети се мерните инструменти од постоечка мониторинг станица Битола 1. „Во тек е набавка на инструменти за мерење на концентрација на PM2,5. Два инструмента ќе се набават со финансиски средства од Буџетот на МЖСПП за 2020 година и нивна инсталација ќе се реализира до крајот на 2020 година. Со финансиска поддршка од Шведска планирана е замена на 11 застарени инструменти од ДАМСКАВ со нови. Замена на другите мерни инструменти од постојните мониторинг станици е планирана и со ИПА 2 програмата, финансирана од ЕУ, и во периодот од 2020 до 2022 година ќе бидат комплетно заменети“, најавуваат од МЖСПП.

Минатиот викенд, меѓународната еколошка организација „Бенквоч“ најави т.н. „белодробна трка“, во која тркачи опремени со сензори за изложеност на загадување требаа да соберат информации за ПМ-честички во воздухот, испарливи органски соединенија и азотни оксиди предизвикан од издувни гасови од електраните на јаглен. Трката требаше да се одржи во близина на РЕК „Битола“, во битолското село Новаци, но натпреварот се одржа виртуелно поради ограничувањата за спортски настани.

Според „Бенквоч“, само во 2016 година,16-те електрани на Балканот, меѓу кои и РЕК „Битола“, беа одговорни за околу 3.900 случаи на прерана смрт и 8.000 случаи на бронхитис кај деца и други хронични болести. Оваа меѓународна еколошка организација предупредува дека сериозноста на проблемот не е доволно позната поради недостиг на официјални податоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот