фото: Слободен печат/Драган Митрески

Љафтов: Пласирањето на четвртото по ред Европско првенство е круна на оваа генерација

Машката сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија го обезбеди своето четврто Европско првенство во низа. Континуитетот на континенталните натпреварувања националниот тим предводен од селекторот Јошко Миленкоски го обезбеди во последното коло од квалификациите за ЕвроВолеј 2026, со победата од 3:0 (25:13, 25:16, 25:17) над Грузија во одлична атмосфера во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Македонија поради подобриот поен количник ги остави зад себе Австрија и Норвешка и како една од петте најдобро второпласирани репрезентации во групите се најде на Европското првенство следната година.

ВИДЕО: Одбојкарите по пласманот на Европското првенство заиграа и оро

Во клучниот натпревар најдобрите македонски одбојкари покажаа карактер, квалитет и голема желба да го продолжат успехот на оваа генерација, која испишува нова страница од репрезентативната историја. Во победата над Грузијците капитенот Никола Ѓоргиев го предводеше тимот со 17 поени, Филип Савовски постигна девет, додека Александар Љафтов и Владо Милев реализираа по осум поени.

– Пласирањето на четвртото по ред Европско првенство е круна на оваа генерација. Како и сите претходни лета, па и ова, процесот е тежок и долг, но ние не се откажувавме за да се пласираме на ова првенство. Не само оваа година, туку и сите претходни, главниот адут на оваа репрезентација е борбеноста, желбата и мотивираноста за успех – ни изјави македонскиот репрезентативец Љафтов.

Петар Јовановски: Уште сме под импресии од успехот, но немаме време и најтешкото допрва доаѓа“

Министерството за спорт ќе ја награди репрезентацијата со три милиони денари за пласманот на Европското првенство 2026, со кое македонската одбојка го задржува своето место на европската мапа.

Македонија претходно настапуваше и на ЕП во 2019, 2021 и 2023 кога го постигна и најголемиот успех со пласманот во осминафиналето.

Европското првенство ќе се одржи од 9 до 27 септември 2026 година во Италија, Финска, Бугарија и Романија. Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) информираше дека на 4 октомври во 20.45 часот, во италијанскиот град Бари, ќе се одржи ждрепката за групите на следното ЕП во машка и женска конкуренција.

Одбојкарската федерација на Македонија наградена со три милиони денари

По комплетирање на квалификациите познати се сите патници на ЕвроВолеј 2026. Данска, Белгија, Чешка, Естонија, Швајцарија, Грција и Словачка како првопласирани во групите заедно со Македонија, Летонија, Турција, Израел и Шведска, кои се петте најдобри второпласирани селекции се најдоа во завршницата. Италија, Финска, Бугарија и Романија како домаќини имаат директен пласман, заедно со Полска, Словенија, Франција, Холандија, Србија, Украина, Германија и Португалија, кои исто така имаат обезбеден евро-билет според пласманот од последното натпреварување пред две години.

– Минатото првенство за прв пат ја постигнавме големата цел и се пласиравме во вториот круг – игравме осминафинале со Италија. Се надевам дека овој пат и ждрепката ќе биде на наша страна за да го повториме успехот – рече Љафтов.

ФОТОГАЛЕРИЈА: Одбојкарите заедно со навивачите го прославија пласманот на Европското првенство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот