Лиценцата на анестезиологот Валтон Дервиши му виси на конец

анестезиолог, фото тв21

Судот на честа при Лекарската комора денеска ќе објави одлука дали ќе му се одземе лиценцата на анестезиологот од тетовската општа болница кој е во притвор, доктор Валтон Дервиши.

„Слободен печат“ дознава дека анестезиологот воопшто не одговорил на обвинението од Лекарска Комора за одземање на лиценцата.

Станува збор за постапка која што ја покрена Лекарската комора откако доктор Дервиши во живо на Тик Ток емитуваше снимки од пациентки на гинеколошкото одделение во болницата во Тетово. Тој е во притвор и јавното обвинителство веќе покрена обвинение против него. За неговото претходно поведение, иако има шпекулации, нема никакви официјални информации. Министерот за здравство Фатмир Меџити одговарајќи на новинарско прашање рече дека начул оти Дервиши одел на работа под дејство на наркотици, ама немало како да се докаже бидејќи во болницата во Тетово немало ни формирана дисциплинска постапка за однесувањето на медицинските лица и воопшто да може да биде оценувано.

Лекарската комора поднесе обвинение пред судот на честа, а Дервиши имаше една недела да се брани од обвинението. Не е познато дали воопшто дали Дервиши го искористи своето право да одговори на обвинението кое му се става на товар, дека ја нарушил довербата лекар-пациент, ги прекршил етичките правила и го загрозил угледот на сите останати лекари. Минатата недела во прашање беше доведена и неговата специјализација од Косово, но Министерството за здравство е децидно дека со три потписи од пет лекари од стручната комисија, се обезбедило потребното мнозинство и затоа неговото образование во државата на легален начин е признаено за валидно и компатибилно.

Дервиши беше санкциониран зашто самиот на социјалната мрежа Тик Ток ги објави снимките од пациентките кои лежеа на гинеколошкото одделение во тетовската болница. Неговиот испад според многу неофицијални информации не бил првиот во низата, но на властите им беше потребно проблемот да стане многу јавен и очигледен за да изреагираат. Министерот за здравство Фатмир Меџити веднаш го осуди однесувањето на анестезиологот и тоа беше „зелено светло“ за Лекарската комора да се впушти во акција и да почне постапка за одземање на лиценцата.

Најдолгиот период за кој што на доктор Дервиши може да му биде одземена лиценцата се следните седум години односно станува збор за привремено одземање на лиценцата. Трајно одземање на лиценцата на лекар може да се случи само после судска одлука или доколку има тешки повреди по здравјето и животот на луѓето.

Во јавноста имаше многу реакции по оваа иницирана постапка за одземање на лиценцата со оглед на тоа што на неколку проминентни случаи со лекари кои се обвинети за користење на очигледно неподобно средство за лекување лиценцата не им се одзема, а на Дервиши му почна постапка за одземање и без судска одлука. Тоа го отвора прашањето на селективноста.

ВИДЕО | Вела: Имало муабети дека тетовскиот анестезиолог користел наркотични средства, но неговото досие е чисто

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот