Летонија ги забрани сите ТВ канали со седиште во Русија

Латвија знаме/ Фото Gints Ivuskans / AFP / Profimedia

Од среда ќе биде забрането емитување на сите руски телевизиски канали во Летонија, објави денеска националниот регулатор за радиодифузија.

Од руската анексија на црноморскиот полуостров Крим во 2014 година, Летонскиот Национален комитет за електронски медиуми (NEPLP) веќе забрани емитување на неколку големи руски ТВ канали во балтичката земја, наведувајќи дека поттикнуваат војна, агресивна пропаганда против Украина и нејзините граѓани и закана за безбедноста на Летонија.

Новата одлука се однесува на околу 80 специјализирани канали или канали од ограничен интерес со потекло од Русија, кои сè уште се достапни во Летонија, главно преку одредени кабелски оператори.

„Одлуката ја донесовме по неодамнешните измени на Законот за електронски медиуми, со кои се бара на телевизиски или радио станици регистрирани во земја која агресивно го загрозува територијалниот интегритет и независност на друга земја да не им биде дозволено да работат во Летонија”, се вели во соопштението.

Се додава дека одлуката ќе остане во сила сè додека Русија не ја запре војната во Украина и не се повлече од украинска територија, вклучувајќи го и Крим.

NEPLP му даде дозвола за емитување на поранешниот руски опозициски телевизиски канал Дојжд, кој престана со работа во Москва на почетокот на март и чиј персонал се пресели во Летонија. Каналот официјално ќе почне да емитува од Летонија на 9 јуни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот